Линкови за пристапност

Обвинителство бара од Собранието да пресече за рокот на СЈО за истраги и обвиненија


Јавното обвинителство ќе ги превземе предметите за кои СЈО ќе се прогласи за ненадлежно. Од Обвинителството сметаат дека Врховниот суд излегол надвор од законските овластувања со препораката дека СЈО не е овластено да отвора нови истраги и да покренува обвиненија по истекот на рокот од 18 месеци

СКОПЈЕ - Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе побара од Собранието да пресече за роковите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), односно дали Обвинителството на Јанева смее или не да отвора истраги и да покренува обвненија по истекот на рокот од 18 месеци наведен во членот 22 од Законот за СЈО. Оваа одлука е донесена денеска на проширениот колегиум во Обвинителството на кој беа присутни претставниците на Вишите јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Штип и Битола откако Кривичниот суд Скопје завчера побара од Јовески да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО.

„ Начелното правно мислење на Врховниот суд ја нарушува законитоста во постапувањето на јавните обвинителства и судовите, поради што Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието на Република Македонија ќе поднесе барање за давање автентично толкување на член 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, изјави Јовески.

Тој ја критикуваше препораката на Врховниот суд дека СЈО нема легитимитет да отвара истраги и да покренува обвиненија по истекот на законскиот рок и најавите на претседателот Јово Вангеловски, дека сите пресуди кои ќе стигнат до Врховниот суд за предмети кои се отворени по рокот од 18 месеци ќе бидат укинати. Според државниот јавен обвинител со ова Врховниот суд излегол надвор од своите овластувања.

„Со начелното правно мислење Врховниот суд излегол надвор од законските надлежности, толкувајќи конкретна законска одредба со што создадена е правна несигурност“, смета Јовески.

Иако најави дека нема да семеша во работата на СЈО, Јовески нагласи дека доколку ова обвинителство се прогласи за ненадлежно за некој предмет, тој ќе биде превземен од Јавното обвинителство вклучувајќи ги сите докзи меѓу кои се и т.н. „бомби“ за кои колегиумот одлучил дека се легални.

„ Јавното обвинителство ќе ги преземе за понатамошна постапка предметите за кои СЈО ќе се огласи за ненадлежно. ЈО во постапувањето по предметите ќе ги користи доказите и прибавените материјали како докази прибавени на легален начин“, објасни Јовески.

Врховниот суд, минатата недела донесе начелно правно мислење според кое СЈО нема право да поднесе нови обвиненија по истекот на 18 месеци од добивањето на бомбите односно по 30 јуни 2017 година и не смее ниту да превзема предмети од редовното јавно обвинителство.

„ СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, стоеше во соопштението на Врховниот суд.

Оваа одлука наиде на остри реакции во јавноста, а критики имаше и министерката за правда Рената Десковска која порача дека ниту еден криминал не смее да остане неказнет и не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорноста.

„Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење, без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став, кој ќе го продолжи гонењето“, рече Дескоска.

Со одлуката, односно начелното правно мислење на Врховниот суд „висат во воздух“ односно може да се оспорат неколку клучни предмети на СЈО како што е „Талир“ – финансирањето на ВМРО – ДПМНЕ, „Империјата“ на Орце Камчев и Сашо Мијалков, случајот „Монструм“ но и предметите кои се водат за високи функционери на ДУИ меѓу кои се Али Ахмети и Бујар Османи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG