Линкови за пристапност

Обвинителство: нема виновници но има пропусти при бегството на Груевски


СЈО и Финансиската полиција биле известени дека тој ги испразнил банкарските сметки но не превзеле ништо.Потврдено е дека не ја напуштил Македонија преку граничен премин. МВР сеуште анализира снимки од безбедносни камери

СКОПЈЕ - Три месеци по бегството на Никола Груевски, Обвинителството без конкретна информација како, кога, од каде и со кого тој ја напушти Македонија. Денеска, Обвинителството излезе со прелиминарен извештај од предистрагата во кој е наведено што досега е превземено околу бегството на Груевски но не и конкретни заклучоци. Оттаму велат дека пропусти кај некои надлежни институции имало, без да се прецизира кои, но конкретен виновник не е откриен.

„ До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, стои во извештајот.

Обвинителството утврдило дека Финансиската полиција и Специјалното јавно обвинителство (СЈО) биле известени дека Груевски во ист ден ги подигнал сите пари кои ги имал на сметките во три домашни банки - околу 120 илајди евра. Шефицата на СЈО, Катица Јанева, минатата недела тврдеше дека тие не добиле информација дека ги испразнил сметките.

„ Во досегашниот тек на постапката се утврди дека во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, сега осуденото лице Никола Груевски подигнало околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ( СЈО)“, велат од Обвинителството.

Она што е јасно е дека тој не ја напуштил Македонија легално, преку граничен премин, и дека првата дестинација била Албанија.

„ Од Интерпол, преку МВР,доставена е информација со која се укажува дека не постојат податоци за излез на сега осудениот Никола Груевски на ниту еден граничен премин од Република Македонија во критичниот период. Едновремено, од увидот извршен во Интегрираниот систем за гранична контрола, утврдено е дека не постои евидентиран излез од територијата на Република Македонија на осудениот“, заклучуваат од Обвинителството.

Во рамките на истрагата биле сослушани 56 лица меѓу кои и членовите на неговото обезбедување, слуѓбеници во МВР и Граничната полиција а земени се и листинзи од 60 телефонски броеви на лица за кои Обвинителството смета дека биле поврзани или за имасомнение дека комуницирале со Груевски во критичниот период.

Во МВР пак сеуште се анализираат снимките од видео надзорот од камерите на „ Сејф сити“ системот во Скопје, од повеќе хотели, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија.

Груевски минатата недела прв пат даде интервју за една домашна телевизија и кажа дека од Македонија си заминал „многу едноставно“. За бегство се одлучил како што вели во последен момент откако добил информации дека се подготвува негова ликвидација во затворот во кој требаш да ја издржува казната. Тој потенцираше дека немал помош од никого од власта и дека ја користел неговата лична карта.

Засега познато е дека Груевски побегна од Македонија на 11 ноември, во моментот кога требаше да се јави во затворот „Шутка“ на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG