Линкови за пристапност

Турската амбасада обвини скопски весник за врски со „терористичката организација ФЕТО“


Откако во рамки на проектот за поддршка на печатените медиум, весникот „Заман“ доби финансиска помош од македонската Влада, следеа жестоки обвиненија од турската Амбасада во Скопје, по кои, весникот се откажа од субвенцијата

„Тргнувајќи од фактот дека кон нас се врши невидена негативна кампања, во која страдаат и недолжни, весникот ’Заман’ одлучува доброволно и неповратно да се откаже од помошта на Владата и да ги врати средствата“, се вели во соопштението на неделникот „Заман„ кој 25 години се печати во Скопје на турски јазик (со издание и на албански јазик), по обвинувањата од Амбасадата на Турција во Македонија.

„Со големо жалење ги примаме негативните реакции на Амбасадата на Турција во Скопје, во однос на помошта што во рамките на сите печатени медиуми во Македонија, ја доби и весникот ’Заман“... Целосно лудило се обидите да се нанесе штета врз ’Заман – Македонија’ поради обидот за воен удар (во Турција – н.з.) во 2016 година... Особено сме разочарани поради лажните тврдења дека македонската Влада со субвенцијата го поддржува терорризмот. Сметаме дека во оваа лага не веруваат ниту самите тие што ја изнесуваат“, соопшти весникот.

„Останувајќи верен на досегашната политиката за приближување на сите заедници во мултичничкото општество на Македонија, весникот ’Заман Македонија“ секогаш се трудел да ги истакне заедничките вредности на сите култури во земјата. Поради оваа наша традиционална политика, нема да бидеме причина за затегнати односи меѓу некогашната славна земја Турција и земјата со демократски вредности Македонија“, се вели во соопштението.

Откако весникот „Заман“, со одлука на македонската Влада, стана еден од 11-те медиуми, кои добија материјална поддршка, со субвенција од 14.670 евра, реагираше турската амбасада, која го обвини весникот дека е „поврзан со терористичката организација ФЕТО“ на Фетула Ѓулен, „одговорна за неуспешниот обид за државен удар во Турција“

„Познато е дека Република Турција ја поддржува Република Македонија од нејзината независност на сите важни полиња. Поддршката и односот на Република Турција кон Република Македонија отсекогаш биле пријателски и добронамерни. Одлуката на Владата на Македонија да се додели финансиска поддршка за весник на ФЕТО ја сметаме за скандалозна и неприфатлива. Очекуваме дека Владата на Македонија ќе ја преиспита својата одлука и ќе ги земе предвид долгогодишните пријателски односи помеѓу двете земји и двата народа“, се вели во реакцијата на Амбасадата на Турција во Скопје..

Пред Амбасадата на Турција во Скопје беше одржан и протест против доделувањето на финансиската поддршка на „Заман“, на кој, според медиумите, биле присутни и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, како и претседатели на турски, ромски и бошњачки партии од Македонија. На протестот имало и транспаренти „ФЕТО тргни ги рацете од Македонија!“ и „Не го поддржувај тероризмот!“, со пароли била изразена поддршка на политиката на официјална Анкара, а амбасадорката Кара истакнала дека на 15 јули 2016 година бил извршен обид за државен удар против турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган кој на функција дошол со волјата на турскиот народ.

„Не прифаќаме и нема да прифатиме Владата на Македонија да обезбедува финансиска поддршка за организација, таканаречен весник, на терористичката организација ФЕТО која уби 251, а повреди над 2.000 наши граѓани“, изјавила според агенциската вест, амбасадорката Кара, која побарала одлуката на Владата да се отповика, за да се „повлече поддршката за овој медиумски орган на предавничка, терористичка организација“

Од друга страна, соопштение испрати Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое најостро ја осуди реакцијата на турската амбасада, оценувајќи дека „да се каже за еден весник, кој 25 години излегува во Македонија оти е терористички билтен на било која организација, е скандалозен повик за линч на неистомислениците“.

ЗНМ ги повика државните институции во Македонија да го осудат ваквиот чин кој е во насока на задушување на слободната мисла и ги охрабри новинарите на „Заман“ да продолжат со својата работа. ЗНМ им понуди и натамошна поддршка на новинарите на „Заман“, преку информирање на Меѓународната федерација на новинари за притисоците врз нив..

И Владата на Република Македонија во соопштение истакна дека ја „почитува одлуката на ’Заман’ да се откаже од поддршката која беше доделена на овој медиум во рамките на Програмата за поддршка на печатените медиуми... Владата и понатаму останува на својата цврста определба за почитување и поддршка на слободата на медиумите и слободата на изразување на граѓаните“.

Во мај минатата година, турската амбасадорка Кара, на промоција на Фондацијата „Маариф“ во Тетово, ги обвини и приватните образовни установи „Јахја Кемал“: градинка, основно и две средни училишта во Скопје, основно и средно училиште во Струга и Тетово и средни училишта во Гостивар и во Струмица.

„Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на ‘Маариф’, бидејќи ‘Јахја Кемал’ не нè претставува нас. Дојдете, да се бориме против оваа терористичка оргaнизација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, изјавила тогаш амбасадорката..

Непосредно по назначувањето на функцијата во Македонија, во интервју за турската агенција „Анадолија“ на почетокот на 2017, амбасадорката Кара, поранешна пратеничка од редовите на Партијата за правда и развој на Реџеп Таип Ердоган, најави: „Ќе застанеме покрај секој што ќе ѝ се спротивстави на структурата на ФЕТО… Во Македонија има седум училишта, весник и трговски организации под името ‘Заман’. Покрај тоа, има и голем број многу важни турски компании и институции во коишто се инфилтрирале на ист начин, како што тоа го направиле и во Турција...“

XS
SM
MD
LG