Линкови за пристапност

Честитки и поддршка по ратификацијата на Договорот во грчкиот Парламент


САД, ЕУ и НАТО ја поздравија одлуката на парламентот во Атина и изразија поддршка за двете држави кои според нив исполниле „невозможна мисија“

СКОПЈЕ – Соединетите Американски Држави ја поздравија одлуката на грчкиoт Пaрлaмент за ратификација на Договорот од Преспа и нагласија дека решението на деценискиот спор ќе придонесе Македонија да го завземе своето место во НАТО и ЕУ.

„ САД ја поздравуваат одлуката на грчкиот парламент за ратификување на Преспанскиот договор. Лидерите на Грција демонстрираа визија, храброст и упорност во нивното изнаоѓање на решение за спорот за името, со што идната Република Северна Македонија ќе може да го заземе своето заслужено место во НАТО и во ЕУ. САД ја поздравуваат оваа историска можност за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот во целиот регион“, стои во соопштението на државниот секретар Мајк Помпео.

Честитки пристигнаа и од бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Се радувам што можам да ја поздравам денешната ратификација на Договорот од Преспа кој овозможува Скопје наскоро да се приклучи кон НАТО и отвора нова страница во односите со Европската Унија и отварање на преговорите за членство. Напорите кои ги вложивме за време на нашето претседателство и потоа за да им помогнеме на државите од Западен Балкан, вклучувајќи ги и пријателите од Скопје, денес ги даваат своите резултати. Ќе продолжиме да ги поддржуваме како и досега”, напиша Борисов на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Македонскиот премиер Зоран Заев меѓу првите ја честиташе ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент а потоа имал и кус телефонски разговор со грчкиот колега.

„Честито мој пријателе Алексис Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, напиша премиерот Заев на неговата официјална страна на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Од Владата пак потенцираа дека со решавање на спорот меѓу двете држави Балканот, Европа и Светот добија нов модел за градење пријателства и соработки.

„Владата на Република Македонија силно ја поздравува одлуката на Парламентот на Република Грција да го ратификува историскиот Договор од Преспа со којшто се става крај на тридецениски спор кој го попречуваше развојот во регионот. Преку изнаоѓањето на македонско - грчкото решение, Балканот, Европа и Светот добија нов модел за градење пријателства и соработки меѓу народите и државите“, стои во соопштението од Влада.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ засега без реакција околу ратификацијата на Договорот од Преспа.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, по гласањето во Парламентот во Атина на својот „Твитер“ профил напиша дека е историски ден и дека се пишува нова страница за Балканот.

„Северна Македонија е родена денес. Таа ќе биде пријател и сојузник на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот. Следните генерации во двете наши земји ќе бидат благодарни на оние членови на Парламентот кои, покажувајќи храброст, ги поставија темелите за мирна иднина, солидарност и соживот меѓу нашите народи. Денес пишуваме ново поглавје во историјата на Балканот. Националистичката омраза, спорови и судири сега се заменуваат со пријателство, мир и соработка“, напшиша грчкиот премиер.

За разлика од Ципрас, лидерот на опозициската „Нова Демократија“, Киријакос Мицотакис, оцени дека ова е таѓен дена за Грција и најави вето на евроатлантиските интегративни процеси на Македонија доколку тој ја освои власта во Грција.

„ Лично, зборував искрено за големите тешкотии што доаѓаат од спроведувањето на договорот. Но, се обврзав дека ќе останам цврсто на националната должност: нема да го отфрлам правото на Грција да стави вето за интеграција на Скопје во Европската унија. Ќе се борам со сите мои сили за да ги ублажам негативните последици кои е сигурно дека ќе произлезат од проблематичниот договор“, рече Мицотакис.

Честитки пристигнаа и од Европската Унија преку заедничко соопштение на претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг исто така ја поздрави ратификацијата на Договорот со Грција преку социјалната мрежа „Твитер“а Договорот го оцени како важенз а стабилноста и просперитетот на целиот регион. Столтенберг најави дека ја очекува Македонија во Алијансата.

Грчкиот парламент попладнево со 153 гласа „за“, 146 „против“ и еден воздржан даде зелено светло и го ратификуваше Договорот од Преспа. Со ова и официјално заврши дваесет и седумгодишниот спор за името помеѓу Македонија и Грција. За договорот гласаше целата пратеничка група на СИРИЗА на премиерот Ципрас, седум независни пратеници и еден пратени од партијата Независни Грци.

Според Договорот од Преспа, Македонија го смени Уставот и уставното име во Република Северна Македонија а Грција се обврза дека нема да ги блокира интеграциите на Македонија во НАТО и Европската Унија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG