Линкови за пристапност

Федералните службеници масовно на боледување – може ли тоа да ги натера политичарите да ја отворат владата?


Федералните закони забрануваат вработените во Владата да учествуваат во масовно прекнување на работата или во штрајкови

Некои претставници на синдикатот ги повикаа федералните работници на масовно боледување со цел да се изврши притисок да се стави крај на владиното затворање.

„Целта е да привлечеме внимание и уште поважно, да ја натераме владата да се фокусира на овој проблем, со надеж да се најде решение со кое исплатата на платите на федералните работници нема да зависи од спорот околу ѕидот,“ рече професорот Џозеф МекКартин, директор на Калмановиц институтот за труд на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Од декември, околу 25 проценти од федералните агенции се затворени поради спорот за буџетот откако претседателот Доналд Трамп побара 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот по должината на границата со Мексико.

Демократите во Конгресот се спротивставија на барањето за ѕидот и одбија да преговараат за ова прашање се додека владата не биде повторно отворена. Ова е најдолгото владино затворање во американската историја.

Околу половината од 800.000 федерални работници, погодени од затворањето на Владата, имаат статус на „неопходни работници“. Иако не земаат плата, тие се обврзани да ги извршуваат виталните владини операции.

Станува збор за илјадници федерални агенти, затворски чувари, службеници за наплата на даноци, цариници, граничари, пожарникари и припадници на крајбрежната стража.

Другата половина федерални работници, кои немаат статус на „неопходни“, е принудена да остане дома додека не биде постигнат договор за финансирање од владата.

Трамп го потпиша законот со кој федералните работници ќе си ги добијат платите со отворањето на владата, но доцнењето на платата веќе создава финансиски тешкотии за многумина.

Федералните закони забрануваат федералните работници да учествуваат во масовно прекинување на работата и во штрајкови.

Во 1981 година, тогашниот претседател Роналд Реган отпушти илјадници контролори на летање кои ги напуштиле работните места барајќи повисока плата и подобри работни услови.

Неможејќи да штрајуваат синдикатите како претставници на 2,1 милион вработени во американската Влада организираат собири низ државата за генерирање поддршка од јавноста и притисок врз законодавците да ја отворат владата. Во спротивно се закануваат дека ќе го кажат своето на изборите во 2020.

Традиционално трудовите синдикати се на линија на демократите и не е јасно какво влијание овие собири ќе имаат врз републиканците.

XS
SM
MD
LG