Mнозинството во грчкиот парламент успеа да обезбеди 153 гласа со кои Преспанскиот договор беше ратификуван.
Со тоа и Грција го заврши својот дел од правното заокружување на договорот, чекор што ќе овозможи Република Севрена Македонија да стане дел од НАТО и да го продолжи интегрирањето во ЕУ.
„Честито мој пријателе Алексис Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“ – напиша премиерот Заев на неговиот фејсбук профил.
Пораки на поддршка дојдоа и од Брисел. „Го поздравуваме решавачкиот чекор што го презеде грчкиот парламент. Додека се радуваме на наредните процедурални чекори што ќе водат кон целосно имплементирање на договорот, со увереност можеме да кажеме дека денеска Скопје и Атина заедно испишаа нова страница во нашата европска иднина“ – се вели во заедничката писмена изјава на тројката на европската комисија Жан Клод Јункер – Федерика Могерини – Јоханес Хан.
Првиот човек на Европската Унија Доналд Туск во порака напишана на англиски, грчки и македонски јазик изјави „Зоран, Алексис, браво, невозможната мисија се исполни“.
Денеска Скопје и Атина заедно испишаа нова страница во нашата европска иднинаЖан Клод Јункер, Федерика Могерини, Јоханес Хан
Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ, порача: „Ја поддржуваме секоја фаза од имплеметацијата на процесот и притоа бевме конзистентни. ЕУ го поддржува овој историски договор“.
И од НАТО пристигнаа позитивни пораки. „Го поздравуваме денешното ратификување на договорот од Преспа што е значаен придонес за стабилноста на регионот. Се радувам на идното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО“ – изјави Генералниот секретар Јенс Столтенберг. Чешката влада, според нејзиниот министер за надворешни работи, веќе в понеделник ќе предложи да се потпише протоколот за пристапување на земјава во Алијансата.