Линкови за пристапност

Трет ден во исчекување на мнозинство за уставните измени


Собраниската седница е закажана во 12 часот. Крилото на БЕСА на Биљал Касами останува на своите барања со кои ги условува гласовите на двајцата пратеници. Официјално не е обезбедено двотретинското мнозиство неопходно за уставните измени

СКОПЈЕ – Премиерот Зоран Заев и лидерот на крилото на БЕСА, Биљал Касами, сеуште се без договор и со тоа сеуште виси поддршката на двајцата пратеници од оваа партија неопходни за изгласување на уставните измени. Преговорите кои траеа во текот на вчерашниот ден продолжија и утринава.

Барањето на БЕСА е наместо терминот „македонско“, во документите на албански јазик да пишува „од Македонија/ граѓанин на Република Северна Македонија“. Ова пак е неприфатливо за осумтемината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ кои најавија дека ќе ја откажат поддршката и нема да гласаат за уставните измени доколку премиерот го уважи ова барање.

Неофицијално, владеачкото мнозинство бара поддршка и од други пратеници од опозицијата со кои се преговара а можно е за уставните измени да гласа пратеникот Панчо Минов од ГРОМ кој ја напушти колацијата со ВМРО – ДПМНЕ и сега делува како независен пратеник.

Вицепремиерот Бујар Османи е оптимист дека преговорите а со тоа и самиот процес на уставни измени ќе заврши денеска.

„ Силата на волјата на граѓаните овој процес да се реши е толку голема и не верувам дека може да се врати назад. Јас сум оптимист дека денеска и во наредните денови овој процес ќе се реши. Се надевам дека ќе се реши и денеска“, изјави Османи.

Седницата за уставните измени е закажана за денеска напладне. За изгласување на уставните измени и со тоа исполнување на сите обврски од Договорот со Грција е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници која засега официјално владеачкото мнозинство ја нема.

Седницата почна во средата и по неколку одложување во попладневните чесови се обрати само премиерот Заев кој во своето експозе ја побара поддршката на пратениците. Вчера пропаднаа неколку обиди за старт на седницата откако беше јасно дека премиерот и БЕСА нема да отстапат од своите позиции.

Според последните информации, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски попладне закажал седница на Извршниот комитет и состанок со пратеничката група на партијата.

Пред Собранието и денеска ќе се одржи протест на движењето „ Македонија Блокира“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG