СКОПЈЕ - Собраниската седница на која пратениците треба да ги усвојат уставните амандмани како последна фаза од исполнувањето на Договорот со Грција е закажана за 13 часот но неопходното двотретинско мнозинство сеуште виси. Ова вчера го потврди и премиерот Зоран Заев но и лидерот на БЕСА, Биљал Касами.
Касами во телевизиско интервју кажа дека двата гласа на пратениците од неговото крило зависат од барањата кои се доставени во премиерот а тоа се да се избрише „македонско“ во ставката за државјанство и да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија.
Со ова го става премиерот Заев во деликатна положба бидејќи доколку тој ги прифати нивните барања ризикува да ја изгуби поддршката на осумтемината пратеници од независната групана ВМРО - ДПМНЕ.
Доколку се постигне некаков договор, се очекува гласањето и усвојувањето на уставните измени да се случи најдоцна до утре попладне.
Вчерашната седница почна со задоцнување а на неа се обрати само премиерот Зоран Заев. Во своето експозе, тој побара од пратениците да ги остават настрана партиските интереси и да се обединат.
„ Наместо со горчина и гнев денеска да ги испишуваме овие страници со надеж, заедништво, солидарност за нашата заедничка, граѓанска и македонска држава. Одговорност на пратениците е да им обезбедат на граѓаните да живеат во стабилна заедничка и економски просперитетна држава. Големината на оваа историска одлука треба да ја препознаеме сите. Вашиот глас е глас за полноправно членство на земјата во НАТО за помалку од една година, вашиот глас ја става земјата во семејството на ЕУ. Секој глас „против“ е всушност глас за изолација и нова политичка криза“, рече Заев од собраниската говорница.
Тој нагласи дека договорот за името содржи јасни обележја за македонската посебност, јазикот и идентитетот се македонски, а земјата ќе носи име признаено од целиот свет и додаде дека ниту подариле, ниту некој и одземал нешто на државата кога се договориле за географската одредница.
„ Процесот треба да заврши со измени на Уставот, што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство. Тој свечен чин ќе биде кулминација на сите наши напори за израз на нашата посветеност да најдеме решение. Целиот демократски свет, сите наши пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека договорот не извлекува од минатото и ја потврдува нашата европска иднина“ кажа премиерот и потенцираше дека со позитивна одлука во Собранието, Македонија се приближува до членство во НАТО и овозможува отварање на првите поглавја во преговорите со Европската унија во јуни годинава.
За денес, како и вчера, најавени се протести пред Собранието на движењето „Македонија Блокира“ кое бара да се прекине процесот на уставните измени и промена на името на државата. Побараа поддршка од претседателот Иванов. Пратеничката група на опозициската ВМРО - ДПМНЕ вчера се појави меѓу демонстрантите а претседателот на партијата Христијан Мицкоски беше исвиркан од присутните откако одби да се говори од импровизираната говорница. Од партијата најавија дека и денеска ќе бидат пристуни на протестот и дека за разлика од вчера Мицкоски ќе се обрати пред присутните граѓани.
Facebook Forum