Компанијата за производство на електрични возила „Тесла“, почна со изградба на првата фабрика во Кина. Погонот ќе биде сместен на периферијата на Шангај и воедно тоа е прв таков објект што компанијата на познатиот американски претприемач Илон Маск ќе го гради надвор од САД.
Почетокот на проектот беше означен со церемонија на која присуствуваа Маск и официјални претставници од локалните власти.
Во новата фабрика ќе се произведуваат возилата од моделот „тесла 3“, а капацитетот што се најавува е 500.000 возила годишно.
Маск очекува фабриката да биде изградена во рекордно време и со производство на првите модели да се почне кон крајот на оваа година.
Отворањето на новите погони се случува во ек на економските несогласувања меѓу САД и Кина околу царинските давачки. Со фабриката на кинеска територија, очекувањата во „Тесла“ се дека продажбата на нивните возила нема да зависи од царинската политика меѓу двете земји.