Линкови за пристапност

Амнестирани обвинетите пратеници и водачите на движењето „За заедничка Македонија“


СЈО се согласи и Сашо Мијалков, да биде пуштен во домашен притвор. Јанакиeски и Божиновски попладнево си заминаа од истражниот затвор. Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик за поблаги казни за обвинети кои се директно поврзани со двајца пратеници кои ги поддржаа уставните измени

СКОПЈЕ – На обвинителната клупа во судскиот процес за настаните од 27 април, познат како „крвавиот четврток“, повеќе нема да седат петнаесетина обвинети кои ја искористија можноста што им ја понуди законот за амнестија.

По добиеното позитивно мислење од Обвинителството, судот вчера ги амнестираше петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски. Попладнево решението за амнестија им беше врачено и на тројца водачи на движењето „За заедничка Македонија“ – Борис Дамовски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски.

„ Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по доставени барања во врска со Законот за амнестија, а по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, донесе решенија со кои ги уважи барањата на Б.И., В.Ј. и Б.Д. опфатени во предметот со КОК бр. 40/18. Останите барања за кои од обвинителството е добиено негативно мислење советот донесе решенија со кои истите се одбиваат како неосновани. За сите решенија, согласно Законот, обвинетите имаат право на жалба во рок од 3 дена до повисокиот суд. Сите останати барања, во одделот Кирвично полнометни, се во фаза на одлучување и во Законски утврдениот рок ќе бидат донесени решенија кои ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде благовремено известена“, соопштија од судот.

Покрај нив, за настаните од 27 април и насилствата во Собранието амнестирани се и обвинетите Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Божиновска, Митре Питроповски, Илија Славевски и Иван Цветановски.

Од вкупно триесет и тројца обвинети за настаните од 27 април, барање за амнестија не поднесоа само петмина. Тоа се Игрој ЈУг, Јане Ченто, Игор Дурловски, Душко Лазаров и Митко Чавков.

Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), очекувано, се согласи екс директорот на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е обвинет во четири предмети и се водат уште толку истраги против него, да биде пуштен во куќен притвор. Сепак тоа денеска не се случи бидејќи документацијата околу предлогот на СЈО за укинување на притворот била некомплетна и затоа била вратена во обвинителството на дополнување. Инаку во понеделник истекува триесетдневениот притвор на Мијалков.

Попладнево од истражниот затвор „Скопје“ беа пуштени Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, обвинети во предметот „Титаник“, кои до завршувањето на судскиот процес остануваат во куќен притвор. Затворските ќелии со куќен притвор денеска ги заменија и Зорица Арсовска, Ненад Јосифовиќ и Тодор Мирчевски кои се осомничени во случајот „Империја“. Вчера пак Апелација ги усвои жалбите и на Орце Камче и Цветан Панделески кои веднаш потоа го напуштија истражниот затвор.

Денеска Собранието и покрај реакциите на јавноста и експертите, без дискусија, ги изгласа измените на Кривичниот законик, во членот 275-в, кој се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, а кој, пак, е поврзан со кривичните дела за кои се товарат Сеад Кочан и Василије Авировиќ. Случајно или не, двајца пратеници кои гласаа за уставните измени, Владанка Авировиќ и Зекир Рамчиловиќ, се директно поврзани со обвинетите Кочан и Авировиќ.

Шеснаесет невладини организации попладнево, до спикерот Џафери, достави барање да се повлечат измените во Кривичниот законик и најавија протест доколку тие се изгласаат а група новинари кои на 27 април известуваа од Собранието најавија дека ќе поднесат тужба против државата но и дека ќе бараат да се утврди одговорност на пратеници.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG