Линкови за пристапност

Судот прими 62 барања за амнестија, рокот истекува на полноќ


Кривичниот суд во дилема, кој да одлучи по барањата. Судијката Кацарска одбила да ги прими и ги препратила до Кривичниот совет. Не се исклучува можноста да бидат примени нови барања кои биле испратени по пошта

СКОПЈЕ - Само шестмина обвинети во клучниот судски процес за настаните од 27 април - „крвавиот четврток“ досега не доставиле барање за амнестија до Кривичниот суд. Обвинетите Игор Југ и Јане Ченто самите потврдија во текот на судскиот процес, а според неофицијални информации тоа нема да го сторат ниту пораншениот министер и директор на БЈБ, Митко Чавков и неговиот советник Душко Лазаров. Последен кој јавно соопшти дека нема да го искористи правото е Игор Дурловски бидејќи како што вели не сака да биде дел од селективната правда и интриги.

„ Почитувани, наместо молба за помилување, ја споделувам со Вас мојата одлука да продолжам со борбата за докажување на мојата невиност за обвинението за кое ми се суди. Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили, но, убеден сум дека ме разбираат зошто ова е важно, да се бориме за своите принципи, за правда, доследно и храбро.Се надевам дека со оваа одлука ќе и ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување““, напиша Дурловски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Во меѓувреме барањата за амнестија се трупаат во Кривичниот суд. Според последните информации до судот пристигнале вкупно 62 барања од кои 27 се од лица кои се обвинети во процесот за 27 април кој сеуште е во тек а 35 од други процеси кои завршиле како обидот за убиство на Зијадин Села, напаѓачот на Радмила Шеќеринска и процеси за насилство и учество во толпа.

„ Околу добиените барања согласно Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Р.Македонија, ја информираме јавноста дека денеска до 15:00 часот, во судот се пристигнати вкупно 62 барања согласно Законот за амнестија од кои 27 во одделението за Организиран криминал и корупција и 35 во одделот Кривично полнолетни“, соопштија од Кривичниот суд и додадоа дека е можно да примат нови барања кои биле испратени по пошта и за кои тече рокот од моментот на примање.

Клучниот проблем кој неочекувано се наметна е кој да одлучува по барањата за амнестија. Судијката Добрила Кацарска која го води процесот за настаните од 27 април одбила да ги прими барањата сметајќи дека не може да одлучува за лица кои во моментот ги суди и ги препратила до Кривичниот совет. Ова го потврди и претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев кој најави дека до крајот на денот ќе пресече и ќе донесе одлука околу надлежноста за барањата за амнестија.

„До крајот на денот ќе мора да се пресече, а со оглед на малата пракса за вакви предмети постапката е доста специфична. Мое мислење е дека бидејќи се работи за предмет кој е во тек, треба да одлучува судијата кој постапува по овој предмет, што значи тоа би било колешката Кацарска. Се што би било поинаку го сметам за упад во работата на Судечкиот совет“, рече Џолев на брифинг со новинарите.

Тој кажа и дека судиите играат „пинг-понг“ со барањата за амнестија, бидејќи се претпазливи околу надлежноста и додаде дека законот е политички акт кој не го коментира.

Според законот, Судот има рок од пет дена да одговори по барањата а барателите кои ќе бидат одбиени имаат рок од три дена да поднесат жалба до Апелацискиот суд.

Законот за амнестија, по скратена постапка, беше усвоен на 18-ти овој месец со 95 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан. За законот гласаа и дел од пратениците кои седат на обвинителната клупа за настаните од 27 април. Два дена подоцна законот беше потпишан од претседателот Иванов и објавен во Службен весник со што стапи во сила.

Според Законот , амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG