Белата куќа кажа дека САД започнале со повлекување на трупите од Сирија, кусо време откако претседателот Доналд Трамп напиша на Твитер дека САД ја поразиле тамошната терористичка група Исламска држава.
„Започнавме со враќање на американските трупи дома додека транзицираме кон следната фаза на оваа кампања“, рече портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс во соопштение.
Таа додаде дека поразот на ИСИС не значи крај на кампањата на коалиционите сили во Сирија.
„САД и нашите сојузници се подготвени за повторно ангажирање на сите нивоа да ги бранат американските интереси кога и да е потребно, и ние ќе продолжиме да работиме заедно да им негираме на радикалните исламисти територија, финансирање, поддршка и секаква можност за инфилтрирање во нашите граници“, кажа Сандерс.
Подоцна во среда, портпаролката на Пентагон Дена Вајт издаде соопштение велејќи дека „коалицијата ја ослободи територијата што ја држеше ИСИС, но кампањата против ИСИС не е завршена“.
Повлекувањето на трупите значи ненадејно менување на американската воена стратегија во регионот. Секретарот за одбрана Џим Матис и други високи американски претставници се залагаа за долгорочно присуство во Сирија за да се обезбеди ИСИС да се појави повторно како сила на Блискиот исток. САД имаат околу 2.000 војници во Сирија, од кои многу работат со алијанса на курдски и арапски паравојски познати како Сириски демократски сили.
И покрај преференцата на Пентагон да продолжи военото присуство во државата растргната од војна, Трамп кажа дека сака да ги врати трупите дома штом е можно.
Ројтерс цитира американски претставник како вели дека Стејт департментот евакуира персонал од Сирија во наредниве 24 часа и дека рокот за повлекување на трупите е 60 до 100 дена.
Тоталното повлекување на трупите од Сирија сепак ќе остави значително армиско присуство на САД во регионот, вклучувајќи повеќе од 5.000 трупи во соседен Ирак.
Facebook Forum