Линкови за пристапност

Собранието го усвои Законот за амнестија


Со 95 гласови „за“ и ниту еден „против“, по скратена постапка Собранието го донесе Законот за амнестија за настаните од 27 април - „крвавиот четврток“

СКОПЈЕ - Според усвоениот закон, амнестијата нема да ги опфати организаторите на насилствата и лицата кои го подготвувале, оние кои носеле оружје, лицата кои извршиле насилство како и службените лица од МВР кои постапиле спротивно на нивните овластувања. За законот за амнестија покрај парламентарното мнозинство, гласаа и пратениците Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕи Панчо Минов од ГРОМ кои соопштија дека се приклучиуваат на листата предлагачи на законот.

Еден од предлагачите на законот, Зеќир Рамчиловиќ од редовите на независните пратеници изјави го образложи законот изјавувајќи дека со овој потег треба да се релаксираат односите во наредните две години. Тој нагласи дека помирувањето е предизвик и исчекор и дека е во интерес на општото добро и просперитетот и иднината на Македонија.

„ Ние денес носиме политичка одлука со која не сакаме да го попречиме процесот што се води во судството. Иако таа линија е тенка, во изминатиот период работевме напорно за да дојдеме до такво решение. Ние, пратениците, треба да покажеме дека сме подготвени и да простиме, и да си подадеме рака, и да се извиниме доколку грешиме.Сите пратеници со чинот на гласање, со гласот „за“ за овој предлог закон ќе покажат дека сме си простиле еден на друг. Дека гласањето ќе биде чин на помирување, кој треба да се пренесе и на нашите граѓани, како прв чекор во надминување на поделбите во општеството. Прв чекор во процес на помирување, разбирање и градење на доверба меѓу граѓаните “, рече Рамчиловиќ.

Според текстот во законот за амнестија, сите обвинети или осудени лица за насилствата во Собранието од 27 април, по стапувањето на сила во рок од пет дена имаат право да поднесат индивидуални барања за амнестија. Во истиот временски рок од пет дена, Судот ќе биде тој што ќе одлучува дали барањето ќе биде одобрено или не а за тоа ќе даде мислење и Јавното обвинителство врз основа на доказите со кои располага.

Судскиот процес за настаните од 27 април е во завршна фаза. Се чека на декласификација на дополнителни докази кои ги достави обвинетиот Митко Чавков како и доказите на Александар Василевски – Нинџа и по нивното изведување ќе се почне со давање на завршните зборови.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG