Линкови за пристапност

И по еден месец надлежните без одговор, како побегна Груевски?


Обвинителството најави дека во наредните две недели ќе ги соопшти резултатите од истрагата за бегството. Одговорност засега не понесе никој. Официјална Будимпешта без одговор на барањето за екстрадиција

СКОПЈЕ – Кога, како, со кого и со чија помош Никола Груевски побегна во Унгарија. На овие клучни прашања надлежните – Владата, МВР и Обвинителството и по еден месец од бегството сеуште немаат конкретни одговори.

Обвинителството денеска најави дека најдоцна за петанесетина дена ќе ја информира јавноста за резултатите од истрагата за бегството на поранешниот премиер, правосилно осуден на двегодишна затворска казна. Наредната недела, тим од Обвинителството ќе замине за Црна Гора да ги подигне снимиките од безбедносните камери на граничниот премин преку кој Груевски преминал во Србија, а побарано е и од Албанија да го стори истото. Обвинителката Вилма Русковска соопшти дека прегледувањето на снимките од граничните премини со Албанија е речиси при крај.

„ Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат, изјави Рускоска.

Судскиот совет формираше работна група, која вчера изврши работна посета во Основниот суд Скопје 1, за да го види предметот и постапувањето на судијата.

„Работната група по извршениот увид во списите на предметот констатира дека по предметот е постапувано со исклучителна итност и исклучително почитување на законските рокови, односно постапувано е професионално и стручо од страна на судијата за извршување санкции и постапката е спроведена во рамки на законот, односно согласно Законот за извршување на санкции“, се вели во соопштението на Судскиот совет на Македонија.

Во меѓувреме Груевски е во Будимпешта каде според неофицијалните информации престојува во еден од луксузните хотели во градот. Денеска се појави снимка каде тој излегува од ресторан и ги избегнува новинарските екипи влегувајќи во автомобил со возач кој го чекаше на улица. Вчера пак беше објавена фотографија од Груевски на улица во Будимпешта во друштво на сопартиец.

Станува збор за Александар Трајковски, советник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ во општина Гази Баба кој неколку дена пред бегството организираше протест пред Кривичниот суд барајќи правда за Груевски. Двајцата ја делат и обвинителната клупа во предметот на Специјалното обвинителство (СЈО), „Шамарите во Општина Центар“. Трајковски е недостапен на неговиот телефон, а од Царинската управа соопштија дека тој има отворено боледување. Тој во понеделник треба да се појави во Кривичниот суд на рочиште за овој предмет.

Обвинителката Русковска рече дека ја видела фотографијата и најави дека ќе преземат активности за да утврдат од каде потекнува и кој ја сликал но и дека ќе го повика Трајковски на распит.

„Во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски. Досега се сослушани членовите на неговото обезбедување“, рече Русковска.

Унгарските власти без одговор на барањето за екстрадиција кое беше доставено пред дваесетина дена.

„ Ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција“, изјави Рената Дескоска, министер за правда.

Поранешниот премиер Никола Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Преку Албанија, Црна Гора и Србија и со помош на унгарски дипломати стигна до Будимпешта каде што експресно доби политички азил и заштита.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG