СКОПЈЕ - Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на Владимир Атанасовски, поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Управата за финансиско разузнување (УФР), поради инволвираност во настаните од 27 април познати во јавноста како „крвавиот четврток“.
Атанасовски беше уапсен ноќеска, еден ден по сведочењата на обвинетите во судскиот процес за 27 април, Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски, кои го посочија како организатор на упадот во Собранието и нарачател на насилства и кривични дела врз членови и симпатизери на тогашната опозиција. По нивните искази, Обвинителството отвори предистрага а веднаш потоа и истрага и Атанасовски беше осомничен за кривично дело Здружување заради непријателска дејност, за кое Кривичниот законик предвидува минимална затворска казна од четири години.
„ Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за едно лице.Постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик. Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор“, соопштија од Обвинителството.
Атанасовски беше спроведен во Кривичниот суд на распит а обвинителството побара притвор по сите три основи.
„ Побарав мерка притвор по 3 основи, опасност од бегство, влијание врз сведоци за што е способен со оглед на функцијата што ја извршувал и опасност од повторување на кривичното дело“, изјави шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Таа додаде дека истрагата ќе се проширува без да прецизира во која насока и кон кои лица и дека има законски рок од шест месеци да се поднесе обвинителниот акт.
Бранителот на Атанасовски, адвокатот Јордан Апостолски, не даде изјава околу одлуката на судијата на претходна постапка а пред распитот најави дека ќе се бори против барањето за притвор со аргументот дека неговиот клиент можел досега да побегне од Македонија но не го сторил тоа.
Улогата на Атанасовски во настаните од 27 април ја открија тројцата обвинети во нивните искази дадени во понеделниот во рамките на доказната постапка во судскиот процес. Тие изјавија дека Атанасовски бил директен организатор и планот го спроведувал заедно со обвинетиот Александар Василевски - Нинџа која ја имал комплентната логистичка поддршка од структури во УБК и од заменик началникот на Петата управа, Никола Бошковски, кој во моментов е во бегство во Грција каде побара азил. На располагање имале блиндирани полициски возила, радио станици па дури и оружје, а им била ветувана заштита од службеници во тајната полицијасо кои заедно дејствувале во и околу Собранието.
Обвинителката Русковска пак изјави дека не била запознаена со деталите кои ги изнесоа тројцата обвинети и дека прв пат ги чула на самото рочиште.
Владимир Атанасовски беше поставен за директор на УБК во септември 2016 година по оставка на тогашниот директор Сашо Мијалков и ја извршуваше таа функција до јуни 2017 година кога и почна истрагата за „крвавиот четврток“ која сепак не го опфати. Тој во моментов е ангажиран како советник за безбедност на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Facebook Forum