Линкови за пристапност

Упадот во Собранието организиран од УБК, тврдат обвинети за „крвавиот четврток“


Двајца обвинети во детали сведочеа како тогашниот директор на УБК со дел од обвинетите го планирале и организирале упадот во Собранието на 27 април. Се подготвувале молотови коктели, палења на автомобили,престрелки па дури и прогласување на воена состојба и апсења на тогашната опозиција

СКОПЈЕ - „Владимир Атанасовски, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Александар Василевски - Нинџа се организаторите на упадот во Собранието. Во реализацијата на планот учествуваа и Никола Митревски - Кољо како и Никола Бошковски, началникот во УБК, кој сега е во бегство во Грција каде побара азил“. Вака на денешното рочиште за настаните од 27 април сведочеа двајца обвинети, браќата Стефан и Михаил Младеновски.

Тие со часови и во детали раскажуваа како бил планиран упадот, кој и каква задача имал, но и за спрегата меѓу УБК и сега обвинетите Василевски и Митревски, лица од криминалното поздемје, и логистичката поддршка која тајната полиција им ја давала.

„ Нинџа имаше службена значка од УБК, пиштол и две блиндирани возила. Имаше и радио станица на која ја следеше комуникацијата на скопската полиција“, посочи Михаил Младеновски.

Браќата Младеновски своите искази ги почнаа од ист настан, протестите пред Државната изборна комисија (ДИК) по декемвриските избори во 2016 година. На тие протести тие биле во постојана комуникација со Василевски кој пак работел тогаш по инструкциите на директорот на УБК Атанасовски.

„Атанасовски побара со протести да се врши притисок врз гласањето во ДИК, во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Користевме шифри во комуникацијата на сигнал или на вибер. Ден пред гласањето во ДИК, во кафулето „Аристократ“ дојдоа Владимир Атанасовски, Никола Бошковски од УБК кој сега е во Грција, Дејан Димковски-Боксер од Петтата управа, Нинџа, Никола Митревски-Кољо и други. Договорено беше на знак на Нинџа а да се фрлаат молотови коктели. За тоа дали ќе се дејствува вечер пред зградата на ДИК, имаше шифра 1. Тоа беше за напад. Нула беше за да остане ситуацијата иста, да не се нападне зградата. Директорот Атанасовски испрати шифра нула“, изјави Михаил Младеновски.

Средбите во „Аристократ“ продолжиле. На нив биле договарани нападите врз новинари и дурги јавни личности блиски до опозицијата или нејзини членови. Логистиката била обезбедена од УБК, а според исказите на обвинетите тоа било без знаење на тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, поради анимозитетот меѓу двајцата директори во МВР.

Василевски имал задача да следи лица од опозицијата, но и обвинители од СЈО и доколку е можно да им конструира случаи. Се договарало и палење на нивни возила.

„Не нарекуваа „надворешна петка“, пандан на Петата управа во УБК“. Ја нарекуваа пирамида што не може да биде урната. Никола Бошковски во една прилика ми кажа дека сме како јато и ако еден се одвои ќе биде осамена птица и незаштитена, рече Михаил Младеновски.

Фокусот потоа се префрлил на патриотските здруженија и повторно Василевски ја имал задачата да им ја „ продаде приказната“ и да ги придобие.

Во своите сведочења браќата Младеновски изјавија дека немале никакви контакти со лидерите на протестите кои сега се обвинети и дека тие имале поддршка од партијата ВМРО - ДПМНЕ кој им носела луѓе и печатела пропаганден материјал.

Неколку часа пред упадот во Собранието тие биле повикани од Василевски во кафулето „Дион“ покрај Кејот на Вардар. Стефан Младеновски и Митревски - Кољо отишле да купат маски а во меѓувреме пристигнале и членови на патриотските здруженија. Сигналот да се тргне кон Собранието го дал Василевски кој останал во кафулето.

„ Нè повика обвинетиот Младен Додевски горе. Се отворија вратите од прес-салата, во ќошот го видов Зоран Заев и останатите пратеници. Упаднаа постари луѓе. По пратениците од СДСМ се маваше со сè и сешто. По 15 минути, излеговме со брат ми и Кољо. Отидовме во паркот Жена-борец каде беа Игор Југ, Јане Ченто и други лица. Тогаш сватив дека сме изманипулирани од УБК и Василевски“, сведочеше Младеновски.

До нив дошла информација дека вооружени Албанци се упатиле кон Собранието.

„ Никола Бошковски до УБК дојде со неговиот службен „голф“ и застана кај аптеката „ Зегин“, спроти Жена парк. Ни кажаа дека во возилото има оружје и дека треба да се подели на луѓе кои знаат да ракуваат со оружје бидејќи имале информации дека доаѓа група Албанци со оружје. Во меѓувреме стигна информација дека контактирале со советникот на претседателот Иванов, Синиша Алексоски, кој им рекол дека ќе се прогласи воена состојба и ќе се уапси раководството на СДСМ“, рече Михаил Младеновски.

Неколку часа по настанот тој и брат му повторно се сретнале со заменик началникот Бошковски кој им дал упастства како да избегнат апсење.

„ Не предупреди да ги фрлиме телефоните што ги користевме вечерта и облеката што ја носевме. Доколку не приведат требаше да каѓеме дека со братми сме биле во кафуле и инстиктивно сме се упатиле кон Собранието“, тврдеше Младеновски.

Еден од обвинетите во процесот, Горанчо Ангеловски - Ќосето, по нивните искази им се заблагодари бидејќи според него ја каѓале вистината за настаните.

Попладневно се огласија од Кабинетот на претседателот и негираа вмешаност на советникот Алексоски во настаните и наводите за прогласување на воена состојба.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG