СКОПЈЕ –Наместо да прислушуваат гонејќи криминалци тие биле прислушувани. Државниот обвинител Љубомир Јовески, денеска на брифинг со новинарите соопшти дека на три обвинителства била следена комуникацијата на фиксните телефони две години наназад. Станува збор за Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Опремата за следење на комуникациите, два хард диска, биле поставени во телефонската централа на обвинителствата.Од обвинителството велат дека имаат докази дека комуникацијата е следена од септември 2016 година.
„Основното јавно обвинителство Скопје започна предистражна постапка по сознанија дека во периодот од септември 2016 година до денеска е снимана телефонската комуникација вршена преку фиксната телефонија во објектот на Јавното обвинителство. Снимањето се вршело на двата хард диска на телефонската централа сместена во просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци“, соопштија од Обвинителството.
Од Владата го осудија случајот и соопштија дека ваквите појави се рецидив од минатото додавајќи дека одговорноста мора да се идентификува и да има ефикасна судска разрешница.
„Владата на Република Македонија остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство. Сметаме дека ваквите појави се рецидив од минатото и пракса на минатите владејачки недемократски структури. Владата очекува дека институциите ќе посветат максимални капацитети во истрагата, дека ќе се расчисти настанот и дека јавноста ќе биде веднаш и целосно информирана. Тоа што можеме во моментов да го кажеме е дека министерството за внатрешни работи целосно е вклучено во предистражната постапка“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Во истрагата е вклучено и МВР и допрва треба да се утврди како е поставена опремата за прислушување, кој ги добивал разговорите на седумдесетината обвинители од трите обвинителства и дали тоа влијаело во некои истраги. Ќе се испитува и дали прислушувањето се вршело и пред септември 2016 година односно дали двата хард диска содржеле информации кои веќе биле избришани.
Јавното обвинителство се влеси во новата зграда покрај кејот на Вардар во 2013 година кога и беа опремени просториите, вклучувајќи ја и телефонската централа во која биле поставени хард дисковите кои ја снимале комуникацијата преку фиксната телефонија.
Facebook Forum