Линкови за пристапност

СЈО со обвинение за „Талир“, ја гони и партијата ВМРО - ДПМНЕ


Предметот „Талир“ е опфатен со два обвинителни акти, првиот за незаконско финансирање на партијата и вториот кој се однесува на изградбата на седиштето на партијата – „Белата палата“. Обвинетите се товарат дека рекетирале фирми кои добивале тендери од државата

СКОПЈЕ – Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) попладнево соопшти дека поднесе два обвинителни акти за случајот „Талир“ кој се однесува на нелегалното финансирање на ВМРО – ДПМНЕ преку кое на партиската сметка се слеале неколку милиони евра. Карактеристично е што најголемата опозициска партија како правно лице, за прв пат, е опфатена со обвинението и се товари перење пари.

Првиот обвинителен акт се однесува конкретно на нелегалното финансирање на партијата и во него се обвинети шест лица и самата партија. Поранешниот премиер и почесен претседател на партијата Никола Груевски кој е во бегство, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари додека правното лице ВМРО – ДПМНЕ само за перење пари.

Според обвинителниот акт, Груевски, Божиновски и Јанакиески вршеле притисок врз фирми кои добивале тендери од централната и локалната власт и ги присилувале да најдат и достават пари во кеш за потребите на ВМРО – ДПМНЕ, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција. Според СЈО, станува збор за сума од 4,6 милиони евра која Груевски бил должен да ја врати на донаторите или да ја уплати во Буџетот на РМ.

За да се сокрие потеклото на овие пари, тројцата и Елизабета Чингаровска организирале систем на уплата на средствата на жиро сметка на партијата преку ПП10 уплатници во кои биле наведени лажни податоци за донаторите и биле вметнувани партиски членови и активисти. Со овие пари потоа партијата купувала недвижен имот и плаќала сметки.

„ Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од СЈО.

Во рамките на овој обвинителен акт се бара притвор за Груевски кој е во бегство и одземање на пасошот и задолжително јавување во суд на Чингаровска, но за ова допрва ќе одлучува Судот.

Вториот обвинителен акт се однесува на изградбата на седиштето на партијата – „Белата палата“ и во него се обвинети Груевски и Божиноски. СЈО во обвинението тврди дека тие злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања ја ангажирале фирмата АД „Бетон“ за изградба на седиштето кој во тој период била ангажирана од повеќе државни органи, јавни установи и претпријатија од кои во 2011 и 2012 година остварила 75 отсто од приходите.

„ За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на СЈО.

Од обвинителството нагласуваат и дека влогот во изградбата бил несразмерен бидејќи партијата учествувала со 815 илјади евра а „Бетон“ со 6,9 милиони евра и дополнителни 2,1 евра кои фирмата ги уплатила на жиро сметката на партијата.

Од ВМРО – ДПМНЕ соопштија дека последните обвиненија се продолжение на политичкиот прогон кој го спроведува СДСМ преку СЈО.

„ СЈО продолжува да делува како испостава на СДСМ. Ова е обид за замолкнување на опозицијата. Ова е политички прогон на само шест месеци пред избори и притисок од криминалната и однародена власт против опозицијата, таа да не може да се подготви за предизборната кампања. Веќе не се боираат средства,. Со ова јасно се испраќа порака за заплашување дека секој може да биде жртва доколку се спротивстави на политиките на Заев“, изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Истрагата за случајот „Талир“ СЈО ја отвори во мај минатата година. Во рамките на истрагата беа осомничени 11 лица а тогаш се истражуваше само нелегалното финансирање на партијата. Во јуни минатата година, на еден ден пред истекот на законскиот рок, СЈО поднесе 17 обвиненија за нивните предмети но не и за „Талир“.

„Би сакала да ја информирам јавноста, дека истрагата за предметот познат под името „Талир“, кој го истражува начинот на кој незаконски се финансирала една политичка партија во Република Македонија, ќе продолжи и во претстојниот период. За предметот „Талир” истражната постапка беше отворена пред нешто повеќе од еден месец“, рече тогаш Јанева.

Истрагата продолжи и се прошири, а пред дваесетина дена на барање на СЈО, судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд, донесе одлука со која замрзна дел од имотот на ВМРО – ДПМНЕ. Станува збор за 68 објекти меѓу кои и седиштето на партијата „ Белата палата“, чија вкупна вредност е проценета на над 15 милиони евра.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG