СКОПЈЕ - Првата етапа од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски е позната. Тој во неделата илегално влегол во Албанија, дошол во амбасaдата на Унгарија во Тирана каде побарал политички азил а потоа со службено возило со дипломатски таблички, истиот ден, заминал за Црна Гора, легално напуштајќи ја Албанија преку граничен премин на кој ја искористил својата лична карта. Албанската полиција не го спречила да ја напушти државата бидејќи во тој момент тој не бил баран со меѓународна потерница.
„Државјанинот Никола Груевски на 11.11.2018 година околу 19:11 часот излегол од територијата на Република Албанија на граничниот премин Хан и Хотит кон Црна Гора како патник во возило со регистарска табличка CD1013А во сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана. На 11.11.2018 година за граѓанинот Никола Груевски немало никакво соопштение на границата или известување дека е лице по кое се трага“, стои во соопштението на албанското МВРод каде додадоа дека за меѓународната потерница биле известени во вторникот во 19.35 часот.
Што се случувало откако Груевски влегол во Црна Гроа со лична карта, во возило со дипломатски таблички, допрва ќе се утврдува и прецизира.
Официјална Будимпешта соопшти дека Груевски побарал азил во дипломатско пртеставништво на Унгарија во друга држава, не во Македонија. Според министерот Гергели Гулијаш од кабинетот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, Груевски дал изјава во унгарската амбасада каде што побарал и азил а потоа во амбасадата било одлучено, поради безбедносни причини, да нема сослушување во транзитната зона, туку во Будимпешта.
Денеска во Скопје и МВР и Обвинителството отворија истраги за да се утврди како побегнал Груевски и дали и од кого имал помош. Основното јавно обвинителство за организиран криминал почна предистражна постапка, дека е оформен предмет по допрен глас кај надлежен обвинител и дека е издадена наредба за прибирање податоци.
„Постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Македонија“, соопштија од ОЈО.
Во МВР се отворени две постапки. Во првата се утврдува дали имало помагачи меѓу полицајците, а во втората како се случило бегството и со чија помош.
Домашната експертска јавност со осуда и критики и до Судот и неажурноста кој не побарал асистенција за пронаоѓање на Груевски бидејќи било викенд.
За бегството на Груевски денеска се огласи американскиот Стејт департмент, од каде се вели дека Груевски кој бара политички азил во Унгарија треба да ја одлежи својата затворка казна во Македонија.
„По темелен и транспарентен правен процес, Никола Груевски беше обвинет од македонскиот суд за злоупотреба на службената положба и осуден на затвор во траење од две години. Пресудата беше потврдена од повеќе судски инстанци. Дополнително, Груевски е обвинет во уште четири кривични случаи кои се во тек. Сметаме дека е соодветно судските постапки во Македонија да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем“, изјави портпаролот на Стејт департментот за „Политико ЕУ“.
Никола Груевски последен пат беше виден во јавноста на 8 ноември, на рочиште во Кривичниот суд. Наредниот ден Кривичниот совет донесе одлука со која се отфрла жалбата на одлуката со која не му се дозволува одложување на издржување на затворската казна.Наредниот ден, во петокот на 9 ноември, сускиот доставувач го бараше Груевски на адресата од личната карта за да му го врачи решението но безуспешно. Викендот ниту судот ниту полицијата не го бараше Груевски. Дури во понеделникот попладне беше организирана потрага и беше распишана меѓународна потерница но Груевски тогаш веќе бил надвор од Македонија.
Во вторникот околу 13 часот тој самиот, преку социјалната мрежа „Фејсбук“, ги информираше органите на прогонот и домашната јавност дека се наоѓа во Будимпешта каде побарал политичи азил.
Facebook Forum