Линкови за пристапност

МВР потврди, Груевски е во Будимпешта


Допрва ќе треба да се утврди како тој ја напуштил Македонија, бидејќи двата пасоши му се одземени. Полицијата бара од судсот решение за да се распише меѓународна потерница. Правда ќе бара екстрадиција по распишувањето на потерницата

СКОПЈЕ – Шест часа по објавата на социјалната мрежа „Фејсбук“ дека се наоѓа во Будимпешта и дека бара политички азил, МВР ја потврди веродостојноста на информацијата.

„По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил“, сооштија од полицијата.

Од МВР додаваат дека го известиле Кривичниот суд за бегството на Груевски и дека очекуваат од судот во најскоро време да издаде решение со кое потоа би се распишала меѓународна потерница.

Според законската процедура дури откако ќе биде распишана потерницата, министерството за правда ќе може да побара екстрадиција на Груевски.

„Доколку биде официјално потврдено дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има разпишана меѓународна потерница“, соопштија од правда.

Со барањето за екстрадиција треба да бидат доставени и пресудата со која тој е осуден на двегодишна затворска казна, предметот за случајот „Тенк“, извадок од Кривичниот законик за описот на делото и застареноста на кривичното гонење и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.

Засега останува непознато како Груевски стигнал до Будимпешта со оглед на фактот дека му се одземени двата пасоши и не може легално да ја напушти Македонија. Истрагата на полиција допрва треба да утврдува кој му помогнал во бегството.

Денеска околу 13 часот, Груевски на неговата официјална страна на „Фејсбук“ објави дека се наоѓа во Будимпешта и побарал азил поради бројните закани по неговиот живот.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и претседателот на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев, денеска си ја префрлаа одговорноста околу бегството на Груевски и фактот зошто не му бил одреден притвор.

Спасовски вели дека Судот требало да побара Груевски да биде обезбеден, и дека тој немал надлежност.

„МВР работи исклучиво врз основа на наредбите на судот, ниту може ниту смее да следи било кого и да биде присутна со него. Затоа постојат мерки за обезбедување кои треба да ги побара судот. Судот мора да внимава кога ќе стигне до моментот на пресудата“, изјави Спасовски.

Џолев пак смета дека МВР може да постапува самоиницијативно.

„Одговорност кај судот не гледам. Не гледам и некоја посебна одговорност во МВР. Не треба да се зборави и дека МВР постапува и по наредби на Јавното обвинителство и самоиницијативно. Судот не може самоиницијативно да определува притвор. Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски“, изјави Џолев.

Според експертите со кои контактираше Гласот на Америка, доколку Груевски успеал да стигне во Унгарија и побарал политички азил, постои голема веројатно дека барањето ќе биде одобрено поради одлуката на Комисијата за дискриминација која пресече дека Груевски бил дисриминиран во процесот со што му било ускратено правото на фер судење. На ова треба да се додадат и блиските односи меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и Никола Груевски.

Груевски „исчезна“ во петокот откако Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1 ја одби жалбата на одлуката со која се отфрла барањето за одложување на издржување на затворската казна. Судскиот доставувач во петокот неколку пати се обиде да му го врачи решението на адресата од личната карта но таму не беше Груевски. Полициската потрага по Груевски почна вчера попладне откако Судот го извести МВР дека Груевски е недостапен и побара асистенција за пронаоѓање и спроведување во затвор.

XS
SM
MD
LG