Линкови за пристапност

Триесет дена притвор за Орце Камчев и четворица соработници


Orce Kamcev
Orce Kamcev

Детали од истрагата засега нема. Камчев и останатите осомничени се товарат за финансиски криминал, перење на пари и злосторничко здружување. СЈО во „Империја“ најавува проширување на истрагата.

СКОПЈЕ - Триесетдневен притвор за бизнисменот Орце Камчев и неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски и Цветан Панделески, директор на ЗК „Пелагонија“ е одлуката на судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд. По повеќе од десет часа распит тој ги уважи барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ги издаде решенијата за притвор.

Бизнисменот Орце Камчев, најбогатиот Македонец според магазинот „Форбс“, во три часот наутро беше донесен со полициско возило на капијата на истражниот затвор „Скопје“ а кусо потоа и останатите четворица осомничени.

Засега нема речиси никакви официјални детали околу истрагата „ Империја“ на СЈО и што точно сториле тринаесетмината осомничени. Од обвинителството вчера излегоа со кусо соопштение според кое тие се осомничени за тешки кривични дела поврзани со финансиски криминал и малверзации.

„... поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“, информираа од СЈО и најавија дека истрагата ќе се проширува со нови фирми и осомничени лица, но и дека ќе се бара замрзнување на имот.

Претресите во „Орка Холдинг“ и уште десетина фирми на осомничените почнаа вчера наутро, околу 6 часот, а во 14 часот првите осомничени беа донесени во Кривичениот суд. Последен се појави токму Орце Камчев и идректно беше спроведен од задната страна судот, во гаражата, со што беа избегнати новинарските екипи.

Веднаш потоа до јавноста беа испратени соопштенија до јавноста од Камчев и Панделевски дека не сториле никаков криминал, работат согласно законските прописи и дека ќе соработуваат во истрагата на СЈО.

Од она што е сега познато, „Империја“ на СЈО меѓу другото се темели на десетина стари предмети кои веќе ги воделе Основното Јавно обвинителство ( ОЈО) и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а СЈО презело надлежност. Од обвинителството не соопштуваат кога е воспоставена надлежноста врз овие предмети и со самото тоа до кога е рокот во кој треба да ја завршат истрагата и да поднесат обвинение.

Освен петмината на кои вчера им беше определен притвор, за случајот „Империја“ осомничен е и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, мајката и сестрата на Орце Камчев, Лилјана Гајдоска – правник во фирмите на Камчев, Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, Ванче Мијалчев – извршен директор на Бетон Штип, Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје и Дејан Јанев.

Ако се анализира кои лица досега се осомничени и на кои им е одреден притвор може да се заклучи дека „Империја“ ги истражува сестринските фирми и оф-шор компании кои се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев,контроверзната оф-шор компанија „ Ексико“, „НВСП“за која од т.н „бомби“ се дозна дека поранешниот директор на УБК Мијалков договорал милионски провизии за набавка на опрема за прислушување како ифирмите „Орка Холдинг“, „Жито Полог Тетово“ и земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG