Линкови за пристапност

СЈО отвори нова истрага „Империја“, осомничени Камчев и Мијалков


Во истрагата се опфатени 13 лица кои се товарат за злосторничко здружување и перење пари. Извршени се повеќе претреси во фирмите на осомничените а петмина се приведени

СКОПЈЕ – Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) отвори нова истрага со кодно име „Империја“ во која се осомничени бизнисменот Јордан Орце Камчев, Сашо Мијалков и сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделевски. Од СЈО соопштија дека пет лица се приведени и дека ќе бидат изведени на распит пред судија во скопскиот Основен Суд 1.Неофицијално меѓу приведените се Камчев и Панделевски.

„ Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство“, стои во писмената инфромација на СЈО.

Во рамките на истрага СЈО превзела десетина предмети кои други надлежни обвинителства а осомничените се товарат дека сториле финансиски криминал во периодот од 2002 до 2013 година.

„ Денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, додаваат од СЈО.

Во рамките на истрага утрово, со асистенција на полицајци од одделот за организиран кримнал беа извршени 12 претреси во фирми сопственост на осомничените, меѓу кои и „Орка Холдинг“ на Камчев.

Според СЈО, истрагата ќе биде проширена и врз други лица и компании и ќе се побара замрзнување на имотото на осомничените.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG