СКОПЈЕ - Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1 има законски рок од најмногу 72 часа да одговори на жалбите на Груевски и неговите бранители околу одлуката на судија на претходна постапка. Тоа значи дека Кривичниот совет најдоцна до понеделник мора да ја донесе одлуката но тоа не значи дека не може да се слуи и во текот на утрешниот ден. Шансите дека Советот денеска ќе заседава, ќе донесе одлука и ќе му ја врачи на Груевски се многу мали.
По оваа одлука на Кривичниот совет ќе се знае дали Груевски ќе оди на издржување на двегодишната затворска казна и кога со оглед дека претходниот упатен налог според кој Груевски требаше да се јави во затворот во Шуто Оризари истечкува денес.
Жалбите на адвокатскиот тим на Груевски почнале да пристигаат во Основниот суд вчера, поединечно, и на тој начин според посетоечките законски прописи, автоматски му се одложи упатот за издржување на досудената казна се до одлуката на судот по барањата.
Во меѓувреме Груевски се обидува да остане на слобода и преку Врховниот суд од кој бара вонредно преиспитување на пресудата. Според процедурата, за да одлучува Врховниот суд потребно е да ја има комплетната документација од предметот „Тенк“ која што сеуште не е пристигната во судот. Тоа се должи на фактот што се чекаше на жалбата на поранешната министерка за внетршни работи,Гордана Јанкулоска, која во раздвоена постапка во истиот предмет е осудена на шестгодишна затворска казна. Жалбата беше поднесена во вторникот. По комплетирањето на предметот судиите во Врховниот суд треба да го добијат и мислењето на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кои имаат рок од 15 дена за доставување. Битно е да се напомене дека барањето во Врховниот суд не го одлага издржувањето на казната, доколку Груевски добие нов упат пред да се одржи седницата во судот.
Последа опција за Груевски да остане на слобода е претседателот Ѓорге Иванов да го помилува што беше побарано на вчерашниот протест пред основниот суд.
Вчера заседаваше и собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања која донесе одлука и достави предлог до Собранието да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски. Како причина е наведено дека тој е недостоен за вршење на пратеничката функција бидејќи е осуден на затворска казна. За да му се одземе мандатот потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот а тоа нема да се случи бидејќи сите пратеници од редовите на неговата матична партија се изјаснија дека нема да го поддржат ова барање. Сепак и пратеничкиот мандат не го одложува издржувањето на затворската казна.
Во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство кое се однесува на набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илајди евра, поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Груевски, беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание и осуден на двегодишна затворска казна, додека Ѓоко Поповски кој се товареше за злоупотреба на службената положба и овластувања беше осуден на шест и пол години затвор но потоа Апелација му ја намали на четири и пол години затвор. За овој случај,во раздвоена постапка, шест години затворска казна доби и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Facebook Forum