Линкови за пристапност

Македонија ги урива „рекордите“ во аерозагадувањето


Меѓународни извештаи повикуваат на тревога, градовите во Македонија се задушуваат, а скопскиот градоначалник порачува дека „не постои инстант решение, постојат интервентни мерки коишто може да го ублажат, меѓутоа не да го решат проблемот со загадувањето на воздухот„

Според апликацијата ,,Мој воздух“, аерозагаденоста во престолнината викендов, во воздухот над скопската општина Ѓорче Петров, изнесувала речиси неверојатни 1.999 мг ПМ-честички на кубен метар. Иако објавената вредност, беше веднаш и проблематизирана, зашто иако во поглед на аерозагадувањето во Скопје веќе како да е сѐ можно, сепак, најверојатно се работи за грешка на мерниот инструмент (особено кога споредби не можат да се направат оти не е во функција и апликацијата ,,Квалитет на воздухот“, поставена на веб-страницата на Министерство за животна средина, а единствен „аргумент“ на надлежните за неработењето веќе подолг период и на неколку други мерни станици во градот, во населбите Лисиче и Гази Баба, е дека – се сервисираат), информацијата се надоврза на и онака најважната тема во Скопје последните денови.

Според нивото на аерозагадување, со индекс 160 составен од вредностите од ПМ 10 честитките, јаглерод моноксид, јаглерод и натриум диоксид и озон, минатата недела, според глобалната апликација „Ер вижуал“ („Air Visual“), Скопје беше на едно од највисоките места на „црната листа“ на градови со најзагаден воздух на планетата, по Лахор во Пакистан, Пекинг и Ченгду во Кина и Њу Делхи во Индија.

Исто така, аерозагадувањето во Македонија, беше неколкукратно повисоко од дозволеното и во Струмица, Гостивар, Кавадарци, Битола и во Куманово.

Паралелно со овие информации, и извештајот на Европската агенција за животна средина посочи дека е време за црвена тревога, зашто, според него, Македонија е најзагадена држава од Источна Европа, а аерозагадувањето е „тивок убиец“. Претходно, и во извештајот на Светската банка беше потенцирано дека како резултат на загадувањето, во Македонија годишно умираат околу 1.350 лица, пред сѐ, како последица на срцеви и белодробни болести.

Според студијата на Светската здравствена организација од 2018, пак, Тетово е меѓу 10-те најзагадени градови во Европа, според концентрацијата на отровни честички во воздухот. Според македонските медиуми, ситуацијата во Тетово, се влошува секоја година во овој период, со почетокот на секоја грејна сезона, бидејќи најголемиот број тетовски семејства се греат на дрва.

Невладината организација „Еко Герила“ засега безуспешно, перманентно бара гасификација на Тетово, забрана на старите возила кои не исполнуваат еколошки стандарди, решение за проблемот со отпадот и дивите депонии...

И другите застапниците за здрава животна средина во Македонија, засега, за жал, главно залудно се залагаат за итни мерки и промени. Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ покрена и онлајн петиција со која од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Град Скопје се бара решение против причините за енормното загадување и ги повика сите скопјани да ја потпишат. Со петицијата се бара забрана за употребата на јаглен за загревање на домаќинствата, нов зимски сообраќаен режим во Скопје, но и ограничување на движењето на возилата во центарот на градот, намалување на ДДВ за топлинска енергија и намалување на трошоците за приклучување на централното градско греење, како и стимулирање на граѓаните кои на работа ќе одат пеш или со велосипед...

Реагираше и опозицијата. Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека „Скопје повторно смрди! Додека градоначалникот Петре Шилегов организира комични настапи во кои ја промовира својата неработа, Скопје се гуши во нечист воздух. Воздухот во Скопје е загаден 40 пати над нормалата!“. Според Андоновски, Скопје најзагаден град во Европа, а Македонија е земја каде ситуацијата со загаденоста е најалармантна.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов (СДСМ) пак, во гостување на една скопска телевизија истакна дека „не постои инстант решение, постојат интервентни мерки коишто може да го ублажат, меѓутоа не да го решат проблемот со загадувањето на воздухот и потенцираше дека откако е тој на функцијата се воведени 27 нови интервенти мерки што во претходната градска аднинистрација не постоеле“.

Но, и покрај застрашувачките факти во меѓународните извештаи, во последните шест години е донесена само една пресуда во врска со непочитување на законските одредби за загадувањето на животната средина!

Од друга страна, на минатонеделниот конгрес на „зелената“ партија ДОМ, досегашната претседателка Лилјана Поповска, изјави дека „е тешко да се бориш за еколошка правда во неправна држава, со корумпирани поединци на важни места во институциите“, а нејзината наследничка на функцијата, пратеничката Маја Морачанин, на конференција посветена на зелените алтернативи и на европските вредности, потенцираше дека во Македонија „во однос на еколошки теми, свеста беше навистина на многу ниско ниво“, но и дека „сега имаме сосема поинаква, многу зголемена еколошка свест кај граѓаните… Мислам дека еколошките теми се можеби најважните и оние што ги мотивирале граѓаните да се здружуваат, да протестираат, да предлагаат решенија... Затоа сметам дека во еколошката свест има напредок, можеби кај политичарите е пониска еколошката свест отколку кај самите граѓани“.

На обвинувањата на опозицијата и на граѓаните на социјалните мрежи, со контра-реакција се јави Градот Скопје, од каде досега доаѓаа и оптимистички најави дека до 2021 година, „Скопје ќе биде зелена европска престолнина“.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од аспект на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестиции во електромобилноста, како и во подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство... Од аспект на греењето, Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие ‘Градски енергетски системи АД Скопје’ кое ќе врши енергетски дејности и ја реализира постапката за преземање на градската топлификациска мрежа, со што ќе стане директен фактор во одлуките во оваа област, која е голем причинител за загадувањето на воздухот, како и да се вклучи во процесот на гасификација на Скопје“, се вели во соопштението на локалната власт.

Градот Скопје апелираше и до граѓаните да се вклучат во борбата против загаденоста на воздухот, „преку помало користење на возилата и користењето на јавниот автобуски превоз, како и повеќе лица да се возат во едно возило, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал“.

Најави за обиди за решавање на проблемот со аерозагадувањето има и во Битола, која на гасификација најверојатно ќе чека барем уште неколку години, Општина Битола најави дека ќе издвои околу три милиони денари за субвенционирање на граѓаните што ќе купат печки на пелети, но и велосипеди, со кои ќе се намали сообраќајниот хаос и ќе се намали користењето на автомобилите, а РЕК „Битола“ ќе посади шума од неколку илјади садници, за намалување на аерозагадувањето во Битола, Могила и Новаци.

XS
SM
MD
LG