Линкови за пристапност

Одбиено барањето на Груевски за одложување на затворската казна


Груевски има право на жалба на одлуката на судот. Неговиот адвокатски тим поднесе барање и до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата. Тој има уште шест дена до истекот на рокот кога мора да се јави на издржување на досудената казна

СКОПЈЕ –Судија на претходна постапка во скопскиот Основен суд 1 ја одби молбата на Никола Груевски за одложување на издржувањето на двегодишната затворска казна во предметот „Тенк“ поради неодложни обврски. Во своето барање тој наведе дека има обврски поврзанби со неговиот докторски труд и дека е потребно да присуствува на седниците во Собранието во период кога се носат уставните измени.

Сега на Груевски му останува уште жалба до Кривичниот совет во судот.

„Судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката кои имаат право на жалба против ова решение во рок од 3 дена до Кривичниот совет“, информираат од судот.

Доколку кривичниот совет ја отфрли жалбата на Груевски, тој ќе мора најдоцна до 8 ноември да се јави на издржување на затворската казна.

Во меѓувреме неговите бранители се обратија и до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата а како причини се наведени автентичноста на „ бомбите“ и застареност на делото за вештаците. Сепак барањето сеуште не е пристигнато во судот и нема да може да се одлучува пред 8 ноември кога груевски треба да се јави на издржувањето на затвроската казна.

Деновиве се очекува и седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања со која претседава пратеникот Павле Богоевски, откако судијата испрати известување до Парламентот дека пратеникот Никола Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна. Ако се утврди дека груевски е недостоен за вршење на пратеничката функција, за да му се одземе мандатот потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Тоа е малку веројатно да се случи бидејќи координаторката на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Елизабета Канческа - Милевска, најави дека осуммината пратеници нема да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски.

Во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство кое се однесува на набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илајди евра, Никола Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание и осуден на двегодишна затворска казна, додека Ѓоко Поповски кој се товареше за злоупотреба на службената положба и овластувања беше осуден на шест и пол години затвор но потоа Апелација му ја намали на четири и пол години затвор.За овој случај,во раздвоена постапка, шест години затворска казна доби и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG