Линкови за пристапност

Судот замрзна дел од имотот на ВМРО – ДПМНЕ


Станува збор за 69 објекти меѓу кои и седиштето на партијата вредни над 15 милиони евра. Имотот е замрзнат на барање на СЈО кое води истрага околу финансирањето на партијата позната во јавноста како „Талир“. Партијата обвинува за притисоци и политички прогон

СКОПЈЕ – Судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд, на барање Специјалното Јавно обвинителство (СЈО), донесе одлука со која се замрзнува дел од имотот на најголемата опозициска партија, ВМРО – ДПМНЕ. Станува збор за 69 објекти меѓу кои и седиштето на партијата „ Белата палата“, чија вредност е проценета на над 15 милиони евра а кои се опфатени со истрагата на СЈО за нелегално финансирање на партијата позната во јавноста како „Талир“.

„ Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, го уважи предлогот на обвинителството и изрече привремена мерка за обезбедување на недвижен имот на политичка партија опфатена во предлогот“, соопштија од скопскиот Кривичен суд.

Од СЈО кусо соопштија дека побарале замрзнување на имотот бидејќи имало опасност тој да биде оттуѓен до крајот на постапката.

„ Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата. Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката“, велат од СЈО.

Од ВМРО – ДПМНЕ со реакција дека станува збор за политички прогон и притисоци, но и дека СЈО нема мандат и легитимитет да бара замрзнување на имот.

„ За прв пат во историјата на Република Македонија, но и за прв пат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција. Прво и основно, не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремената мерка од страна на СЈО. Второ и уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката, и оттука очигледно е дека единствената намера на инспираторите на ова сценарио е политички прогон “, рече генералниот скеретар Игор Јанушев.

Оттаму соопштија дека поднеле жалба на одлуката и најавија дека ќе ги информираат сестринските партии и дипломатскиот кор во државата.

„ ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да се укине решението за привремената мерка донесена во текот на вчерашниот ден, како неосновано и недозволено. За овој политички прогон ќе ги информираме меѓународните претставници во земјава и нашите сестрински партии“, рече Јанушев.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред неколку дена изјави дека партијата размислува да го продаде или изнајмува објектот на штабот на партијата.

„Размислуваме за рационализација на трошоците во партијата. Ако имаме соодветна понуда, објектот на штабот на партијата би го продале или би го изнајмувале доколку има соодветна понуда. Сега правиме еден вид скенирање на пазарот, па ќе видиме“, рече Мицкоски.

СЈО ја отвори истрагата „Талир“ во мај минатата година, се однесува на нелегално финансирање на ВМРО – ДПМНЕ а осомничени се 11 лица кои се товарат за перење на пари и злоупотреба на службената положба и овластувања.

Првоосомничен е поранешниот лидер на партијата и пермиер Никола Груевски кој во периодот од 2009 до 2015 година, прифатил незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра со кои биле купени 78 недвижни имоти кои се користеле за партиски и приватни цели. Парите биле испрани така што биле прикажувни како легални уплати преку жиро сметка, односно како донации за партијата. Истрагата на СЈО утврдила дека дел од уплатниците биле напишани со ист ракопис, а уплатите биле во исти експозитури и тоа во рок од 20 до 30 секунди.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG