Пакетот упатен до CNN бил со бел прав, соопштија претставници на њујоршката полиција, објаснувајќи дека веројатно се работи за експлозивен уред.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, рече: „она што го видовме денеска беше јасен акт за тероризирање“.
Oна што го видовме денеска беше јасен акт за тероризирањеБил де Бласио, градоначалник на Њујорк
Испраќањето на пакетот до CNN го оцени како терористички чин.
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, за новинарите изјави дека е испратен експлозивен уред и во неговата канцеларија.
Полицискиот оддел во Санрајз, Флорида, соопшти дека истражувал сомнителна зграда во близина на објектот во кој се наоѓа локалната канцеларија на конгресменката Деби Васерман Шулц, која претходно претседаваше со Демократскиот национален комитет. Во медиумски извештаи се вели дека пакет бил адресиран и до Ерик Холдер, јавниот обвинител за време на администрацијата на Обама.
„ФБИ Мајами има сознанија за сомнителен пакет кој беше испратен до канцеларијата на конгресменката Деби Васерман-Шулц во Санрајз, Флорида“, изјави за Гласот на Америка портпаролот на ФБИ во Мајами, Џејмс Маршал.
Во меѓувреме сомнителниот пакет упатен до CNN безбедно бил пренесен од локацијата каде е откриен во Тајмс Ворнер Центарот. Со посебен камион тој е превезен во полицискиот оддел за бомбашки напади.
Покрај пакетите упатени до Обама и Клинтон, откако е откриен и овој сомнителен пакет, Тајмс Ворнер Центарот во Њујорк, каде се наоѓаат њујоршката берза и CNN, веднаш бил евакуиран.
CNN објави дека пакетот бил упатен до поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, отворен критичар на Трамп. Тој не работи за CNN, но е соработник на друга мрежа, MSNBC.
Хилари Клинтон денеска им се заблагодари на „мажите и жените на тајната служба кои го пресретнале пакетот“. Таа рече дека нејзиното семејство е добро, но истакна дека ова е вознемирувачко време на длабоки поделби во земјата.
Нејзината изјава следи откако и до неа е упатен еден од сомнителните пакети пресретнати од тајната служба.
Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер упати порака дека „срдечно“ се согласил со коментарите на потпретседателот Мајк Пенс, откако Пенс на Твитер, ги осуди „обидите за напад“ на Обама, Клинтон, CNN и други.
„ФБИ работи во координација со партнерите за да ги испита сомнителните пакети“, изјави за Гласот на Америка Кадија Корома, портпаролка на канцеларијата на ФБИ.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс рече: „Ги осудуваме обидите за насилни напади врз поранешниот претседател Обама, поранешниот претседател Клинтон и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и останатите јавни личности. Секој кој што е одговорен за овие терористички акти ќе биде изведен пред лицето на правдата.“
Изјавата од Сандерс следи откако тајната служба на САД соопшти дека пресретнала два сомнителни пакети, еден од нив адресиран до поранешиот секретар на државата Хилари Клинтон и другиот адресиран до поранешниот претседател Барак Обама.
Во изјавата на Тајната служба се вели дека пакетот адресиран до Клинтон бил откриен доцна во вторникот. Претходно медиумите известија за сомнителна експлозивна направа испратена по пошта до домот на Клинтон во предградие на Њујорк.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс исто така рече: „Тајната служба на САД и други државни агенции за спроведување на законите работат на истрагата и ќе ги преземат сите неопходни мерки за да го заштитат секој кој што е загрoзен од овие кукавици.“
Подоцна таа на Твитер објави дека претседателот Трамп и неговата администрација од блиску ја следат состојбата.
„Нашата осуда на овие одвратни дела секако ги вклучува и заканите кон CNN, како и кон сегашни или поранешни државни службеници“, рече таа.
Њујорк Тајмс извести дека направата најдена во близина на домот на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и претседателската кандидатка на демократите во 2016 година Хилари Клинтон е слична со таа што неделава беше ставена во поштенското сандаче пред домот на филантропот Џорџ Сорос, еден од покрупните донатори на демократски кандидати.
Властите ја истражуваат поврзаноста помеѓу трите пакети.
Од Тајната служба велат дека вториот пакет адресиран до поранешниот претседател Обама бил откриен во Вашингтон.
„Пакетите веднаш се идентификувани при редовна процедура на скенирање на поштата како потенцијални експлозивни направи и соодветно беше постапено со нив.“
Facebook Forum