Линкови за пристапност

Ердоган ќе ги објави деталите за убиството на новинарот Кашоги


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека во вторник, пред парламентот, ќе ги открие деталите за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

- Рековме дека сме одлучни, рековме дека ќе направиме сè за ова да излезе на виделина. Со божја воља, во вторник ќе откријам повеќе. Бараме правда и целата вистина ќе биде кажана во детали, без прикривања – најави Ердоган.

Ердоган во неделата имаше телефонски разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп. Според турската државна новинска агенција, двајцата претседатели се согласиле случајот да биде „целосно расчистен“.

Во интервју за телевизијата „Фокс“ во неделата, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Абдел ал-Јубеир, го оценил убиството на Кашоги како грешка, и најави соодветни мерки за одговорност од извршителите. Тој додаде и дека тие што го извршиле убиството постапиле надвор од своите овластувања.

После подолг молк и негирање, властите од Саудиска Арабија официјално соопштија дека Кашоги бил убиен во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври, откако дошло до расправија и физичка пресметка.

Саудискиот принц, Мохамед бин Салман зборувал и со синот на убиенот Кашоги и му изразил сочувство за смртта на неговиот татко.

XS
SM
MD
LG