Линкови за пристапност

Пратениците од опозицијата се откажаа од дискусија, се зголемува притисокот за гласање во Собранието


Дебатата во Собранието продолжува во петок. Хан ја повика опозицијата да „се надмине себе си“ а таа пак му врати на официјален Вашингтон дека Договорот со Грција е мртов. Во Грција, Коѕијас поднесе оставка по судирот со десничарот Каменос

СКОПЈЕ – Пратениците од опозициската ВМРО – ДПМНЕ се откажаа од своето право да учествуваат во собраниската дискусија на седницата за уставни измени. Оваа одлука е донесена на денешната координација на пратеничката група и коалиција.

„ Пратеничката група заклучи дека е кажано се и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа што беше отфрлен од народот на Референдум. Истовремено, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ апелираат и до пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по предлогот на Владата на Република Македонија за уставни измени“, стои во соопштението на партијата.

Оттаму уште еднаш потенцираа дека нема да ги поддржат уставните измени на евентуалното гласање.

Со овој потег тие го скратија времето за дебата но и за преговори со нивните пратеници и го принудија владеачкото мнозинство побрзо да ги стави измените на гласање.

Следната седница на Собранието е закажана за петок напладне а според информациите на Гласот на Америка, дискусијата ќе продолжи но во неа ќе учествуваат само пратениците од владеачкото мнозинство. Гласањето за уставните измени ќе биде најверојатно истиот ден, а според моменталната состојба и однос на силите во парламентот, сеуште не е постигнато неопходното двотретинско мнозинство.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска му одговори на американскиот помошник државен секретар Вес Мичел кој вчера во отворено писмо напиша дека е разочаран од ставот и однесувањето на опозицијата и од Мицкоски како лидер и побара од него да ги остави пратениците да гласаат по своја воља и убедување.

Мицкоски напиша дека Договорот со Грција е штетен и неприфатлив за ВМРО – ДПМНЕ како и за мнозинството на граѓани во Македонија а тоа го покажал референдумот.

На ова веднаш реагираше СДСМ од каде соопштија дека идентично како неговиот претходник, Никола Груевски и Христијан Мицкоски ја срамоти Македонија во очите на демократскиот светот и се кара со најголемите стратешки пријатели на земјава.

„Ако продолжи да се обидува да ја блокира иднината на Македонија, во следните неколку денови парламентарното мнозинство ќе распише предвремени парламентарни избори“, наведуваат од СДСМ.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, денескапреку социјалната мрежа „Твитер“ја повика опозицијата да се однесува државнички и да го поддржи договорот од Преспа.

„Ако не успее во тоа, тогаш ќе мора да одговара за тешките последици за граѓаните на Македонија“, напиша Хан.

Еврокомесарот во интервју за Еуроактив, се осврна и на одговорноста на опозицијата.

„Последиците од бојкотот на опозицијата може да ја уназадат земјата во развојните процеси“ рече Хан.

Тој смета дека на „средни патеки“ нови избори може да доведат до ризични одложувања на процесот и дека тоа не би му послужило никому, бидејќи не е јасно дали нови избори би донеле двотретинско мнозинство потребно за да се прифати договорот за името.

„Дополнително, трпението на Грција има свои граници. Атина досега се однесуваше конструктиво, но и таа има свој политички календар“, вели Хан.

Во Грција пак, неочекувано утрово оставка поднесе шефот на дипломатијата Никос Коѕијас а причина за оставката е судирот со министерот за одбрана, десничарот Панос Каменос кој е противник на Договорот од Преспа.

Функцијата министер за надворешни работи ќе ја извршува премиерот Алексис Ципрас кој изјави дека сам ја донел одлуката.

„Ова ја покажува мојата одлука да не толерирам разногласие од никого, како и лични стратегии на националната линија на земјата. Истовремено да не дозволиме на никој свесно или несвесно, да го попречува непречениот курс на земјата кон дефинитивниот излез од кризата која го мачеше грчкиот народ во текот на последните осум години“, изјави Ципрас.

Ципрас упати порака до Македонија дека Грција никогаш нема да профати пристапување на земјава во меѓународи организации под уставното име.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG