Линкови за пристапност

Пратениците без договор за уставните измени


Власта и опозицијата остануваат на своите дијаметрално спротивни ставови. Двотретинското мнозинство потребно за менување на Уставот се помалку извесно. Премиерот Заев понуди помирување за настаните од 27 април без да прецизира дали тоа значи амнестија. Расправата продолжува утре

СКОПЈЕ - Првиот ден од дебатата во Собранието околу уставните измени не донесе никакво поместување во ставовите на власта и опозицијата. За едните договорот со Грција е клуч за иднината со кој би продолжиле евроатлантските интеграции на Македонија за другите е капитулантски договор кој е политички мртов. Пратениците се менуваа на собраниската говорница но ставовите и поентите остнаа исти. Се појасно е дека опозицијата нема да го поддржи договорот и со тоа власта е се подалеку од неопходното двотретинско мнозинство во Собранието за менување на Уставот.

Пратеникот од владејачкото мнозинство, Ферид Мухиќ, кој првично соопшти дека нема да ги поддржи уставните измени, сега најави дека откако добро размислил ќе гласа за Договорот бидејќи не го загрозува идентитетот.

„ Иако овој Договор е без преседан, бидејќи Македонија е единствена држава принудена да преговара за своето име, овој Договор води кон живот, а не кон смрт.Со ова ја менуваме капата, но не и главата која ќе остане иста. Идентитетот не може да биде загрозен“, рече Мухиќ.

За пратеничката од опозицијата, Павлина Честојнова, Договорот со Грција е политички и правно мртов и затоа нема да го поддржи.

„ Цензусот не беше исполнет. Овој Договор е мртов. Никој нема легитимитет да работи против волјата на народот. Ова што се случува денес е газење на сопствениот народ и негово негирање“, кажа Честојнова.

Свое обраќање имаше и пратеничката Ивана Туфегџиќ која побара поддршка на уставните измени бидејќи Договорот со Грција е единствената шанса за Македонија.

„ Дали можеме да се надминеме и да сфатиме дека овој договор е единствената шанса која ни се нуди. Нема подобар договор од овој. Уште колку години нашите граѓани ќе чекаат. Дали мислите дека младите ќе седат и ќе чекаат да се постигне подобар договор“, рече Туфегџиќ.

Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми, смета дека сега е потребно единство а пратениците мораат да се издигнат над политичките калкулации.

„Македонија е пред историски тест кој нема да се повтори. Не треба мудрост за да видиме дека голем број на граѓани се согласуваат дека Македонија нема друга алтернатива освен членство во НАТО и ЕУ“, кажа Адеми.

На почетокот на денешната седница, прв пред пратениците се обрати премиерот Зоран Заев кој побара од нив да ги поддржат уставните измени и да спречат изолација на државата.

„ Ги повикувам оние кои сѐ уште се сомневаат кој е вистинскиот избор, или ако мислат дека треба да се определат за оној другиот избор, ако воопшто изолацијата и неизвесноста можат да бидат избор. Погледнете во иднината, во иднината на оваа и иднината на генерациите на вашите деца и внуци“, рече Заев.

Тој понуди помирување за настаните од 27 април без да прецизира дали станува збор за амнестија.

„ Одлична можност е да си простиме и да се помириме за 27 април. Знам дека има цена и подготвен сум да ја платам. Тоа е политичка цена“, кажа Заев.

Оваа изјава предизвика бура во јавноста и на социјалните мрежи. Неговите сопартијци се децидни дека не станува збор за амнестија во замена за поддршка на уставните измени. На ова реагираа и дел од обвинетите за настаните од 27 април кои на своите профили на социјалната мрежа „Фејсбук“ напишаа дека бараат правда а не амнестија. И опозициската ВМРО - ДПМНЕ имаше прес конференција околу понудата за помирување на премиерот Заев. За опозицијата ова е доказ дека станува збор за монтиран случај, политичка хајка и побара извинување од премиерот до сите кои биле жртви на политички прогон.

„ Од самите почетоци ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека случајот 27-ми април е политички фабрикуван случај без докази, без аргументи и дека е наменет за политички притисоци. Заев треба да им се извини на семејствата кои се под политички прогон, режиран токму од самиот Заев и власта. Ова мора да престане и само така може да има помирување“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО - ДПМНЕ.

Собраниската расправа продолжува утре. За збор се пријавија вкупно 66 пратеници. Според собранискиот Деловник расправата може да трае најмногу до 10 работни дена односно до 26 октомври и потоа мора да се прејде на гласање.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG