Линкови за пристапност

Владата ги достави насоките за измена на Уставот до Собранието


Владата попладнево соопшти дека ја почнува процедурата за уставните измени предвидени во Договорот со Грција. Се менуваат четири уставни амандмани и преамбулата. Сега Собранието е на потег. Спикерот Џафери смета дека избори на 25 ноември не може да се одржат а притоа да се запазат зконските рокови

СКОПЈЕ – Владата попладнево на вонредна седница го усвои Предлогот за пристапување кон уставните измени и ги достави измените на четирите амандмани до Собранието со што и официјално за започна постапката за измена на Уставот. Надлежноста е сега кај Собранието кое треба да ги изгласа измените за кои е потребно двотретинско мнозинство, односно гласовите на најмалку 80 пратеници.

Со првата амандманска измена се додава придавката „ Северна“ во името Република Македонија во Уставот. Втората измена се однесува на преамбулата на Уставот.

„Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки“, стои во официјалниот документ на Владата.

Со третата амандманска измена ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независност на соседните држави, ќе се прецизира трајноста на границите и ќе се елиминира можноста дека Република Македонија има територијални претензии.

Четвртиот уставен амандман се однесува на грижа за Македонците во дијаспората и во странство.

„ Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина“, стои во измените што ги предлага Владата.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека очекува измените да бидат поддржани од пратениците без да прецизира дали е обезбедено неопходното двотретинско мнозинство.

„Од пратениците во Собранието на Република Македонија се очекува одлука како израз на почитување на волјата на граѓаните коишто гласаа на референдумот, како и на волјата на околу 80% од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и во НАТО. Од денеска остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно и таа зависи од нив. Тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Република Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин“, изјави портпаролот Бошњаковски.

Спикерот Талат Џафери потврди дека предлогот на Владата и материјалите пристигнале во Собранието. Тој најави дека веднаш ќе ги разгледа материјалите и ќе ги достави до пратениците и до Комисијата за уставни прашања чиј претседател е тој. Зборувајќи за законските рокови тој нагласи дека расправата во Комисијата може да трае до 10 дена и дури потоа тој може да ја свика Пленарната седница на Собранието на која би се утврдило дали има двотретинско мнозинство и поддршка за уставните измени.

„Но, со тоа би завршила само првата фаза, и остануваат уште две. Доколку се усвојат со двотретинско мнозинство на истата седница се носи заклучок со кој предлагачот се задолжува во рок од 10 дена да ги достави нацрт амандманите. Потоа се свикува нова седница на Комисијата за уставни прашања и се свикува нова Пленарна седница. Текстовите од нацрт амандманите одат на јавна расправа која не е ограничена во траењето“, објасни Џафери.

Доколку не се обезбеди потребното мнозиство, Собранието може да се самораспушти на барање на пратениците, а потоа Џафери има рок до 10 дена да ги распише предвремените избори. Тој смета дека нема доволно време изборите да се одржат на 25 ноември како што најави премиерот Заев.

„Спроед роковите во Изборниот законик малку е веројатно дека ќе има избори на 25 ноември. Најмалку 50 дена се потребни од денот на распуштање на Собранието до денот на одржување на изборите“, рече Џафери.

Од ВМРО –ДПМНЕ имаат став дека граѓаните се против уставните измени, а дека премиерот треба да се откаже од Договорот и да не се обидува да го протурка во Собранието.

„И покрај сите нерегуларности, заплашувања, поткупувања и полнење на кутии, граѓаните кажаа НЕ. Зоран Заев нема легитимитет да го менува Уставот и уставното име на државата. Тој нема легитимитет да ги менува идентитетот, историјата, културата и традицијата на Република Македонија“, стои во соопштението на партијата.

Засега нема никаква информација дали е постигнато двотретинското мнозинство и дали Владата има 80 пратеници кои ќе гласаат за уставните измени во Собранието. Според информациите на Гласот на Америка, преговорите се во тек, но доколку нема напредок или договор во наредните неколку дена, Собранието ќе се распушти и ќе се оди на брзи предвремени избори кои би се одржале меѓу 25 ноември и 9 декември.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG