Линкови за пристапност

Јанкулоска осудена на шест години затвор за случајот „Тенк“


До правосилност на пресудата поранешната министерка за внатрешни работи останува во куќен притвор. Таа, но и Обвинителството, имаат право на жалба до Апелација

СКОПЈЕ - Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службената положба и овластување при набавката на блиндираниот „мерцедес“ вреден околу 600 илјади евра и е осудена на шест годишна затворска казна.

Според претседателот на судскиот совет на Кривичниот суд, судијата Добрила Кацарска, Јанкулоска го сторила делото со умисла за да му ја исполни желбата на тогашниот премиер Никола Груевски.

„Обвинетатата Јанкулоска, со умисла го поттикнала сега осудениот Поповски да стори кривично дело.Обвинетите превземале дејаства да му ја исполнат желбата на сега осудениот Никола Груевски. Бараните технички спецификации укажуваат на фаворизирање на еден економски оператор“, рече судијата Кацарска образлоѓувајќи ја пресудата.

Судијката Кацарска додаде дека во текот на постапката сведоците на одбраната докажале дека имало потреба од набавка на ново блиндирано возило но нагласи дека станува збор за начинот на кој е набавено возилото а не за оправданост на набавката.

Преставникот на СЈО, обвинителката Фатиме Фетаи, побара од судот на Јанкулоска да и се одреди куќен притвор за да се спречи нејзино евентуално бегство. За нејзините бранители барањето беше неприфатливо бидејќи таа е мајка на двомесечно бебе и досега имала беспрекорно поведение.

Судскиот совет го прифати барањето на обвинителството за забрана на напуштање на престојувалиштето.

„ Мерката претпазливост е на сила до правосилност на пресудата“, рече Кацарска.

Јанкулоска и нејзиниот адвокатски тим, како и Обвинителството, имаат право на жалба на пресудата до Апелацискиот суд. Доколку пресудата биде обжалена останува на Апелација да ја потврди, преиначи или да ја укине и да го врати процесот на повторно судење.

Јанкулоска не присуствуваше на соопштувањето на пресудата бидејќи беше во друга судница на процес каде што исто така е обвинета.
Во своите завршни зборови, на рочиштето кое се одржа минатата недела таа кажа дека не е виновна.

„Во ниту еден момент кај мене не постоела умисла да поттикнам некого да стои кривично дело и да го набави возилото. Како министер, никогаш и на никого не сум вршела притисок ниту пак јас сум потпаднала под нечиј притисок“, рече Јанкулоска.

Според обвинителниот акт, Јанкулоска го овластила Поповски да го спроведе тендерот за набавка на возилото со фаворизирање на една фирма, добавувачот „ Мак Ауто Стар“.

За набавката на блиндираниот „мерцедес“ во одвоената постапка веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две и поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски на шест и пол години затвор. По поднесените жалби, Апелацискиот суд му ја потврди пресудата на Груевски а на Поповски му ја преиначи во четири и пол години затвор.

Јанкулоска е обвинета во уште два предмети кои ги води СЈО, „Титаник“ за изборни нерегуларности и „Таргет - Тврдина“ за незаконско уништување на опремата за следење на комуникации во МВР

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG