Линкови за пристапност

Апелација ја потврди пресудата, две години затвор за експремиерот Груевски


Тој обвини дека станува збор за политички прогон и најави дека ќе ги искористи сите прави лекови кои му стојат на располагање

СКОПЈЕ - Апелацискиот суд ја потврди пресудата од две години затвор која Кривичниот суд му ја изрече на поранешниот премиер Никола Груевски за набавката на луксузниот мерцедес вреден 600 илјади евра, познат во јавноста како случајот „Тенк“. На поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, првообвинет во случајот, кој беше осуден на шест и пол години затвор казната му е намалена на четири години и шест месеци. Одлуката на Апелација беше соопштена утрово со што се запазени временските рокови и се избегна можноста делото да застари.

„Апелацискиот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди. Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, стои во соопштението на Апелацискиот суд.

Груевски пак изјави дека станува збор за политички прогон, кажа дека нема да доставува нови докази до Врховниот суд но најави дека ќе ги искористи сите правни лекови кои му стојат на располагање.

„Имаше толку докази што нема потреба од нови. Станува збор за класичен политички прогон. Во обвинението пишува дека сум влијаел да се купи возило со цел покрај другите и јас да се возам во него“, изјави Груевски.

Под правни лекови, на поранешниот премиер Груевски му останува можноста да поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ), со кое треба да се согласи и Специјалното јавно обвинителство (СЈО), или да бара вонредно преиспитување на пресудата. Во двата случаи одлучува Врховниот суд чиј претседател е Јово Вангеловски.

Според законските процедури, Кривичниот суд откако ќе ја добие пресудата на Апелација, има законски рок од осум дена да го издаде упатниот акт за издржување на казната со датум кога Груевски треба да се јави во казнено поправна установа.

Во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илајди евра, Никола Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание, додека Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања. Во овој случај, на обвинителната клупа беше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која поради ризична бременост и беше раздвоена постапката која заврши неделава а пресудата ќе биде соопштена во понеделник.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG