Линкови за пристапност

Власта и опозицијата никогаш подалеку од договор


Опозицијата со истите барања како услов за предвремените избори. ДУИ со официјален став дека не е време за избори туку за спроведување на Договорот. Премиерот Заев ги отфрли барањата на опозицијата и најави дека веќе нема за што да разговара со Мицкоски

СКОПЈЕ - Седницата на Централниот комитет на најголемата опозициска партија не донесе ништо ново. Потврдени се заклучоците од Извршниот комитет околу барањата кои се услов за предвремени паралментарни избори, а во меѓувреме ќе се формираат општински изборни штабови и ќе се поднесат кривични пријави против повеќе од 200 лица за кои опозицијата смета дека кои учествувале во фалсификувањето на резултатите од референдумот.

„ Нашите услови се јасни, јас кажав вчера и ќе повторам и денес. Ние битката не ја водиме за власт, битката не ја водиме за избори, ниту ја водиме за доаѓање на власт, Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со исходот од резултатот уставното име на Република Македонија е зачувано. Се друго е второстепено и небитно“, рече потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Александар Николоски, пред седиштето на партијата.

Тој нагласи дека пратеничката група нема да ги поддржи уставните измени доколу има гласање во Собранието.

ВМРО - ДПМНЕ останува на барањата за техничка влада по пржински модел на 100 дена пред изборите, разрешување на Јавниот Обвинител и назначување на нов по предлог на опозицијата и формирање на Анкетната комисија во Собранието составена од пратеници која што треба да ги истражи сите нерегуларности на кои тие укажуваат.

Во насока на изборите донесена е одлука да се формираат општински изборни штабови кои ќе функционираат се до завршувањето на претседателските избори во мај идната година.

Николоски најави дека кривичните пријави ќе бидат поднесени утре а со нив ќе бидат опфатени повеќе од 200 лица, претседатели, заменици-претседатели, членови и избирачки одбори на избирачки места во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај како и против службеници во МВР.

Премиерот Зоран Заев денеска јавно и недвосмислено ги отфрли сите барања на ВМРО - ДПМНЕ кои беа пласирани во јавноста и потврдени на вчерашниот состанок на Извршниот комитет.

„ Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од сто дена според Пржинскиот модел, за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот се апсолутно неприфатливи. Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања“, изјави Заев.

Тој најави дека во наредните денови ќе се разговара со пратениците за да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени, но нагласи дека останува отворена можноста за вонредни парламентарни избори иако тоа вели дека не го посакува.

Заев нагласи и дека веќе нема за што да разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„ Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме Државната изборна комисија со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за Македонија“, рече премиерот Заев.

Попладнево седница одржа и централното претседателство на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) во седиштето на партијата во Мала Речица. Партијата останува на ставот дека предвремени парламентарни избори не се потребни бидејќи ќе се изгуби време и ќе се доведат во прашање евроатлантските интеграции на Македонија.

„ ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија. Централното Претседателство на ДУИ одлучи дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот од Преспа во Парламентот и упатуваме повик до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот“, стои во соопштението од партијата.

Во наредните неколку дена владеачкото мнозинство ќе се обиде да обезбеди гласови од најмалку осум пратеници од опозицијата за да го има неопходното двотретинско мнозинство. Тоа е малку веројатно па затоа се очекува во понеделник или најдоцна до среда да се донесе одлуката за предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 25 ноември за да се надополни изгубеното време бидејќи повеќе од јасно е дека до крајот на годината нема да бидат изгласани уставните измени како што предвидува Договорот. Изгласувањето на измените и ратификацијата на Договорот во грчкиот Парламент мора да се заврши до средината на април бидејќи тогаш почнува кампањата за Европските избори, извесни се предвремени парламентарни избори во Грција, а и Македонија влегува во изборен процес за претседателски избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG