Линкови за пристапност

Зeлена боја на политичкиот спектар во Германија


Анкетите покажуваат дека Партијата на зелените предничи пред Социјалдемократите на левата страна и екстремно десничарската партија Алернатива за Германија

Подемот на екстремната десница во Германија е добро документиран во глобалните медиуми. Но, во јужната држава Баварија, нејзината популарност ја засени спротивниот крај на спектарот.

Неодамнешните анкети ја рангираат Партијата на зелените на второ место во пресрет на изборите закажани за 14-ти октомври, што може да ги направи партнер во секоја идна владејачка коалиција.

Лево ориентираните политичари низ Европа внимателно следат како се бараат начини за спротивставување на екстремно десничарниот бран на континентот.

Во главниот град на Баварија, Минхен, каде фестивалот на пивото е во полн ек, политичарите од Партијата на зелените се приклучуваат на прославите знаејќи дека се таму телевизиските камери. Ова е партија која покажува чувство за локален идентитет.


Катерина Шулц, 33 годишната ко-лидерка на баварската Партија на зелените, неодамна присуствуваше на фестивалот на пивото во традиционална носија. Со ведри тонови на кампањата, таа повеќе пати истакна дека има ,,нешто во воздухот” – дека политичкиот пејсаж се менува. На анкетите таа партија предничи пред Социјалдемократите на левата страна и екстремно десничарската партија Алернатива за Германија (АФД).

,,Она што иритира многу луѓе денес е тоа што постојано зборуваме за омраза, говор на омраза, ескалација. Не се фокусираме на тоа. Се разбира има предизвици со кои треба да се справиме храбро, но ни требаат решенија и паметни идеи, не само постојано да се жалиме, туку да направиме нешто во врска со тоa”, изјави неодамна Шулц.

Различна агенда

Тоа е порака која што по се` изгледа е резонирачка. Партијата на зелените ги надмина Социјалдемократите во неколку германски градови. Нејзините водачи се залагаат за радикално поинаква агенда: отворени граници и подлабока европска интеграција. Тие велат дека Германија треба да биде горда што прими повеќе од еден милион бегалци.

,,Во време кога владее страв од пораст на екстремната десница и од затворање на Германија, тоа е наратив што сега им оди во прилог“, вели германскиот политички аналитичар Џулијан Гофарт од Школата за економија и политички науки во Лондон.

Подемот на екстремната десница доби широк простор во медиумите, а анкетите покажуваат дека на трето место е анти-имигрантската Алтернатива за Германија (АДФ). Но Зелените веруваат дека имаат моментум.

,,Се разбира вестите секогаш акцентот го ставаат на она што шокира повеќе. И затоа мислам дека тоа не е толку покриено како подемот на АФД,” вели Гофарт.

Тој додава дека Зелените од искуството на ривалите научија некои од тактиките потребни за да се освои поддршката. Една од нив е додворувањето на кандидатите преку локална приврзаност.

,,На удар се и некои од тоновите на АФД, на пример тој за ,,Хеимат” (татковина), наратив кој се обидува да отвори еден вид зелена перспектива за тоа што за вас претставува татковината од аспект на заштитата на човековата средина.”


Како дел од овој наратив Зелените критикуваа некои од големите градежни проекти, квалификувајќи ги како напади на Баварија и обвинувајќи ја владата за бетонирање на ,,прекрасната татковина”. Дали ова е почеток на нов зелен популизам во Европа? Можно е, вели аналитичарот Леополд Трајгот од политичката група ,,Отворена Европа” во Лондон.

,,Постојат аспекти кои влијаат за успех на Партијата на зелените, a кои што можат да се најдат во многу европски земји. Недостатоци има кај двете главни политички партии од десницата и левицата во Германија и постои растечка поларизација во политичката дебата што ги води луѓето во екстремно ,,отворени” или екстремно ,,затворени” партии.”

Прашањето на поддршка


Владеачката партија во Баварија, Христијанско-социјалната унија (СЦУ), сојузник на христијанските демократи на канцеларката Ангела Меркел, изгледа дека ќе го загуби апсолутното мнозинство на изборите на 14-ти октомври. Можат да следат сложени преговори во коалицијата, при што Партијата на зелените ќе може да настапи.

Пред Зелените е предизвикот да го зацврстат своето присуство во Германија и во Европа. Многу аналитичари остануваат скептични.

,,Не сум сигурен дека многу луѓе се убедени од политичарите од Партијата на зелените или од нивната политика, колку што се фрустрирани од Социјалдемократите или од други повеќе лево-ориентирани партии,” вели аналитичарот Гофарт.

Тој верува дека германската моќна индустрија може да биде кочница на поддршката за Зелените. ,,Германија некогаш се сметаше за срцето на Зелената партија. Од друга страна имате многу силна автомобилска индустрија и се разбира дека тоа создава тензија со која партиите мора да се справат.”

Постојат примери за тензии кои ги раздвојуваат традиционалните двопартиски центристички системи во многу европски земји. Во Баварија фрагментацијата на европската политика се одвива во минијатурна форма - и Партијата на зелените се надева дека успехот би можел да го означи родното место на новиот екстремно лев бран на континентот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG