Линкови за пристапност

„За“, „против“ или бојкотирам, во недела Македонија гласа


Предреферендумскиот период беше карактеристичен по многу нешта. Се водеа кампањи „за“ и за бојкот, но не и против референдумскиот процес. Опозиција без изграден став. „Дипломатска офанзива“ преку бројни посети на клучни претставници на меѓународната заедница со едногласна порака

СКОПЈЕ - Два часа пред почетокот на референдумскиот молк завршуваат последните митинзи и собири на двата спротивставени кампуси околу референдумот. Пораките да се излезе и да се гласа „ за“ но и да се бојкотира референдумот за последен пат се соопштуваат на граѓаните. Политичките партии попладнево ги соопштија последните пораки како и коалицијата „Заедно за европска Македонија“ предводена од Владата и премиерот Зоран Заев.

Во недела останува на граѓаните да го кажат својот став на референдумот околу Договорот со Грција и да го одредат натамошниот тек на настаните.

Она што го одбележа предферендумскиот период пред се беше отсуството на кампањата „против“ референдумот.

Двете кампањи, едната „за“ другата за бојкот се водеа во јавноста и меѓу граѓаните. Доминираше кампањата „ за“ која ја водеше коалицијата „Заедно за европска Македонија“ и во која учествуваа многу јавни личности од речиси секоја сфера во општеството, а беше застапена во сите медиуми.

Во последните неколку дена кампањата се фокусираше на информирање на граѓаните за сите детали околу Договорот со Грција, нешто што недостасуваше во почетокот бидејќи фокусот беше на придобивките од членството во НАТО и ЕУ.

„Вие, граѓаните го имате клучот да ја направите нашата држава членка на европското семејство. Знам, треба да направиме отстапка и да прифатиме географска одредница кон името Македонија, но нашиот идентитет никој повеќе нема и не може да го порекне. Нашиот македонски јазик е заштитен. Химната, знамето остануваат исти и заштитени. Ние сме Македонци и секогаш ќе бидеме Македонци! Затоа јас ќе гласам. За доброто на нашите деца“, порача попладнево премиерот Заев во обраќањето до граѓаните од Мечкин Камен.

Кампањата за бојкот на референдумот ја предводеа партијата „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев кој отворено се залага за сојуз со Русија, Светскиот Македонски Конгрес, Обединетата Дијаспора и неколку помали здруженија.

Оваа кампања претежно се водеше на социјалните мрежи каде можеби се водат најголемите дебати и битки меѓу приврзаниците и противниците на Договорот со Грција и самиот референдум. Аргументите се различни а се однесуваат на истите компоненти, идентитетот, јазикот и името односно дали се зачувуваат и зацврснуваат или пак се губат.

Остуството на став на опозициската ВМРО - ДПМНЕ и „дипломатската офанзива“ од меѓународната заедница се двете клучни нешта кои ја одбележаа кампањата пред референдумот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, еврокомесарите Јоханес Хан и Федерика Могерини, американскиот секретар за одбрана Џим Матиз го посетија Скопје и пренесоа идентична порака - „ излезете и гласјате за“. Истата порака пристигна и од видо обраќање до македонската јавност на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Во поддршката се вклучија речиси сите соседни држави и земји од регионот.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак соопшти дека нема став и дека секој граѓанин треба да одлучи дали ќе излезе на референдумот и како ќе гласа.

„ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите со граѓаните и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте кои сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет донесе одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, кажа Мицкоски доцна вечерта на 12 септември, од седиштето на партијата.

Високи претставници на партијата во секојдневните средби со граѓаните укажуваа на според нив шететните делови од Договорот со Грција и последиците од нив а дваесетина пратеници од пратеничката група преку социјалната мрежа „Фејсбук“ соопштија дека нема да ги поддржат уставните измени, неопходни за спроведување на Договорот и продолжување на евроатлантските интеграции на Македонија. Сепак дел од раководството на партијата и истакнати членови соопштија дека ќе излезат и ќе гласаат на референдумот, некои за а некои против.

Отворено против референдумот застана и претседателот Ѓорге Иванов кој соопшти дека ќе го бојкотира.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG