Линкови за пристапност

Нухиу: Чавков ми пиша „ се е под контрола“ и потоа не одговараше на повиците


Повторно тензично на судскиот процес. Обвинетиот Игор Југ вербално ги нападна судијката Добрила Кацарска и сведокот Агим Нухиу и потоа стана од столчето сакајќи да ја напушти судницата па мораше да интеревенира судското обезбедување

СКОПЈЕ – „ Како може да не знаете дека ви се шетаат странски шпиони низ Собранието? Им судите на триесет и три Македонци а каде ви е српскиот разузнавач Живаљевиќ? Осудетете ме и на доживотен затвор ако сакате“, беше реакцијата на обвинетиот Југ откако не му беше дозволено на сведокот, Агим Нухиу, технички министер за внатрешни работи за време на настаните од 27 април, да одговори на неговото прашање.

Нухиу со часови го даваше својот исказ пред судскиот совет и одговараше на прашањата на обвинителството но и на обвинетите и објаснуваше за текот на настаните во МВР за време на насилствата во Собранието - „крвавиот четврток“.

Тој повтори дека Чавков, не одговарал на неговите повици а при нивната средба во МВР агресивно му се обраќал.

„ Што мислиш дека се случува? Народ се случува“, бил одговорот на Чавков при нивната средба во оперативниот штаб во полицијата.

Нухиу побарал информација од Чавков непосредно пред упадот на толпата во собранието преку СМС порака и бил известен дека „ нема никаков проблем“ и дека „ ситуацијата е под контрола“.

„ Околу 18 часот ми се јави заменик директорот на БЈБ и ме праша дали ги следиме дебатите што се случуваат во Собранието. Вклучив телевизор и веднаш минута пред 18 часот пуштив порака до Чавков : ,,Директоре дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност да ескалира ситуацијата?” Во 18.03 минути добив одговор: ,,Нема можност. Засега се е под контрола”. По една минута добив втора порака со содржина: ,,Надвор нема проблеми”“ рече Нухиу во својот исказ.

Тој бил во својот дом во селото Слатино и веднаш тргнал кон Скопје. Во наредните час и половина има неколку телефонски разговори со раководни лица од МВР и од оперативниот штаб , но не и со Чавков, кој не одговарал.

„ Во 19.25 стигнав во МВР и се упатив кон оперативниот штаб, барав од дежурниот, обвинетиот Душко Лазаров веднаш да даде наредба за евакуација на пратениците. Сакам да напоменам дека дежурниот неколку пати излегуваше од просториите на штабот и разговараше телефонски. Со кого, не знам. Од првите минути го прашував за планот за акција на оперативниот штаб. Според моја лична проценка дежурниот имаше резерва кога ги барав плановите и да се преземат мерки за евакуација“, изјави Нухиу и дополни деканеколку пати да издаде наредба за евакуација.

Чавков пристигнал во штабот околу 20 часот и по кусиот и агресивен разговор, според Нухиу тој почнал да постапува институционално.

Распитот на Нухиу продолжува а овој пат тој одговара на прашања во својство на сведок на одбраната.

На денешното рочиште сведочеше и новинарката Душица Мрѓа која со многу емоции раскажа детално за тоа што се случуваше во собранискиот прес центар. Таа била во Собранието речиси целиот ден и присуствувала на седницата на која беше избран Талат Џафери. На мониторите во прес центарот го гледала упадот на толпата во Собранието а нивна цел биле Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села. И таа како и други новинари била мета на демонстрантите, добивала закани и била удирана а била сведок и на бруталното претепување на Села.

„ Во првиот налет на толпата која влезе во прес-центарот фокусот беа пратениците. Потоа се слушна истрел и имаше еден вакуум период. По ова состојбата ескалираше. Цел станавме и ние новинарите, особено оние кои не препознаваа. Тепањето на пратениците траеше, полиција немаше. Дел од пратениците беа повредени а видов и едно лице како замавна кон Села, а потоа истиот тој ме удри и мене“, изјави Мрѓа.

Таа кажа и дека го видела пратеникот Ѓорчев како стои како жив ѕид за да ги одбрани колегите пратеници од толпата и го посочи Никола Тодоров како еден од лицата кои помогнале повредените да може да бидат изнесени од Собранието и испратени во болница.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, во своето сведочење го посочи обвинетиот Игро Дурловски како лице кое ја насочувало толпата кон прес центарот но тврдеше дека не е сигурен поради општиот метеж кој владеел пред прес центарот.

„Се обидов да се симнам по скалите и го видов Игор Дурловски. Мислам, но не сум сигурен, ама некако ми се чинеше дека тој ги организира луѓето кој на каде да оди и мислам дека испрати и неколку лица кон мене. Сите се плашевме за своите животи и мислевме дека никој нема да излезе жив од таму“, сведочеше Дудуш.

На денешното рочиште еден од обвинетите, Вилијам Михајловски, побара од судијката Добрила Кацарска да им биде заменета мерката притвор со домашен притвор нагласувајќи дека оние поради кои сега седат на обвинителната клупа, мислејќи на пратениците, се дома а тој и уште 10 обвинети во притвор.

Останува неизвесно дали на денешното рочиште ќе сведочи Сашо Тасевски, актуелен директор на БЈБ, а тогашен телохранител на Оливер Спасовски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG