Линкови за пристапност

Хан: „Секој глас на референдумот е важен“


Еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје на конференцијата „ Денови на медиумите ЕУ- Западен Балкан“ огранизирана од Европската Комисија нагласи дека е неопходно квалитетно информирање на медиумите за содржината на Договорот со Грција за да можат граѓаните да направат информиран избор

СКОПЈЕ - Граѓаните во Македонија се пред клучен избор, мора да го искористат своето право и да гласаат но медиумите имаат клучна улога во целиот процес и мора точно да информираат за тоа што стои во Договорот со Грција како и за значењето на претстојниот круцијален референдум, порача еврокомесарот Јоханес Хан од денешната конференцијата „ Денови на медиумите ЕУ- Западен Балкан“ огранизирана од Европската Комисија (ЕК) која се одржа во Скопје.

"Квалитетното известување ќе им помогне на граѓаните да донесат информирана одлука. Мислам дека сите медиуми треба да точно да информираат за содржината на договорот и за последиците од гласањето, за да се зголеми јавната свест за важноста да се искористи демократското право на глас. Секој глас е важен и е од одлучувачко значење да се учествува на референдумот и да се искористи правото на глас”, изјавиеврокомесарот Хан.

Во своето обраќање тој изрази загриженост за физичките напади врз новинарите во Западниот Балкан, и порача дека некзанувањето на виновниците создава застрашувачка атмосфера која влијае врз независното новинарство.

Според еврокомесарот Хан,слободата на медиумите не може да се постигне без независно и функционално судство а новинарите мораат да бидат заштитени од напади за да можат да ја работата својата работа.

Тој нагласи дека слободата на медиумите е клучна во преговорите на Македонија со ЕУ.

„Слободата на медиумите и на изразување е покриена со поглавјата 23 и 24. Ако има назадување по овие прашања преговорите може да се прекинат“, порача Хан.

Премиерот Зоран Заев исто така се обрати на конференцијата и кажа дека земјите од Западен Балкан имаат одговорност да ја гарантираат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Тој нагласи дека дезинформациите и нивното ширење ги поткопуваат демократските и реформските процеси во Македонија.

„Таквите пара-информации учествуваат во поткопувањето на владеењето на правото и на политичката стабилност која, меѓу другото, не помалку влијае и на работата на новинарите. Лажните вести најчесто се наменети за да дискредитираат личности, да шират дезинформации, да предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпливост и се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација“, рече премиерот.

Заев додаде и дека се залага за концепт на саморегулација, односно медиумските професионалци самите да ги постават стандардите во новинарството.

„ Не може да очекуваме секој граѓанин, што се информира од медиуми достапни на својот мобилен уред, да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква. Тоа е работа на регулаторните тела, и не помалку на медиумите, чиј што простор е директно узурпиран од таквата не само нелојална, туку и не етичка конкуренција“ нагласиЗаев.

Посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Македонија продолжува а за утре е најавена заедничка прес конференција со премиерот Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG