Линкови за пристапност

Мицкоски: Секој да постапи по сопствено убедување за референдумот


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по целодневни внатрепартиски состаноци и координации одлучи да не даде прецизни инструкции на своето членство и симпатизери дали да гласаат или не бидејќи националните интереси и прашања се натпартиски

СКОПЈЕ- „ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите со граѓаните и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте кои сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи во предвид сето она што претходно го напоменав и јасниот став дека овој Договор е неприфатлив за нас, како и тоа дека се работи за надпартиско прашање, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“. Ова е официјалниот став на најголемата опозициска партија ВМРО - ДПМНЕ, кој предмалку го соопшти претседателот Христијан Мицкоски.

Во своето обраќање тој нагласи дека ВМРО -ДПМНЕ е за влез во НАТО и Европската Унија (ЕУ) но против договорот со Грција, кој го оцени како штетен и со кој според него се губи македонскиот идентитет.

„ Договорот со Грција за смена на името е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме.Затоа што е надвор од нашите принципи и начела. Ние остануваме на ставот дека сме против овој Договор, затоа што веќе е апсловирано, и секому јасно дека со овој договор се менува Уставот на Република Македонија, се менува институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет на еден народ, една држава... Ги губиме сите позиции, целата предност сите аргументи стекнати низ годините наназад. Со овој Договор исчезнува Резулуцијата на ОН, Времената спогодба, но и Хашката пресуда“, рече Мицкоски.

Тој уште еднаш ги повтори обвинувањата дека целиот процес бил нетранспарентен, а тој и партијата исклучени како и дека референдумското прашање е манипулативно и повеќезначно.

Мицскоски потенцираше дека со Договорот со Грција се решаваат само дел од проблемите и се исполнуваат само дел од условите за прием во ЕУ и НАТО а клучните проблеми како реформите и корупцијата сеуште ќе останат неадресирани бидејќи, според него, актуелната власт е длабоко замешана во нив.

„ Што значи не е до Договорот и не зависи од него дали ќе ни тргне во земјата, туку кој ја води државата? Ќе ја цитирам германската канцеларка Меркел која порача дека освен договорот треба отворено да се каже дека има и одредени други предуслови што треба да се исполнат. За тие услови да се реализираат треба работа и труд и визија, такви во Владата на СДСМ и Зоран Заев не гледам“, кажа Мицкоски.

Од седиштето на пратијата тој го повика премиерот Зоран Заев на телевизиски дуел.

„Ајде заедно на дебата на ТВ дуел, затоа што имаме на маса договор со Грција, има многу лаги и лажни очекувања, афери, корупција, скандали, затоа што многу работи мораат да бидат слушнати, јасно и гласно. Ајде пред граѓаните да разговараме отворено јас и Вие и искрено за сите случувања што изминаа минатиот период за договорот, но и за сите останати теми кои што живот значат за граѓаните пред 30 септември“ рече Мицкоски.

Дел од говорот го посвети на медиумите за кои кажа дека водат брутална кампања „која се манифестира со еден вид на медиумска едноличност кога станува збор темата референдум, која по својата природа и оркестрираност наликува на периодот од минатиот систем“.

Сепак, на крајот од прес конференцијата претседателот Мицкоски избегна новинарски прашања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG