Линкови за пристапност

Меркел: Референдумот е историска шанса, излезете и искористете ја


Германската канцеларка Ангела Меркел во прва официјална посета на Македонија, токму на државниот празик - Денот на независноста. Во своето обраќање до јавностаја нагласи важноста на моментот, можноста за влез во НАТО и ЕУ и успешноста на референдумот

СКОПЈЕ - „Не сакам да се мешам во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса. Шанса која една генерација ја има само еднаш. Овој 30 септември е историски ден. Не останувајте на ваков историски ден дома, искористете ја вашата демократска можност да го кажете она што го мислите за иднината на вашата земја“, е пораката која германската канцеларка Ангела Меркел и ја соопшти на македонската јавност.

Меркел денеска допатува во прва официјална посета на Македонија и тоа токму на големиот државен празник - Денот на независноста. Во агендата се две средби, со премиерот Заев и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Средбата со премиерот Заев во Владата траеше околу еден час а потоа двајцата одржаа заедничка прес конференција на која канцеларката прецизно соопшти каде се наоѓа Македонија сега, и каде може и треба да биде. Таа отворено застана зад референдумот.

„ Доколку има позитивен исход од референдумот иднината би можела да биде да станете земја членка на НАТО и дел од семејството на ЕУ. За тоа мора да се исполнат некои предуслови. Постоеше спор меѓу Грција и вашата земја и мораше да се најде и решение инаку немаше да има согласност за членство и затоа прашањето за името и прашањето за членството во НАТО и ЕУ се многу тесно поврзани едно со друго. Без решение на ова не може да има членство во ЕУ и во НАТО. И затоа овие две прашања се тесно поврзани “, рече Меркел.

Одговарајќи на новинарско прашање Меркел додаде дека никој не им се заканува на граѓаните со изолација доколку референдумот не успее и нагласи дека „сега не се занимаваме со тоа што ако не успее, туку се залагаме референдумот да биде успешен“.

Премиерот Заев кажа дека посетата на германската канцеларка на Денот на независноста е силна порака во пресрет на референдумот на кој граѓаните одлучуваат за идниот тек на настаните.

„ Посебна чест имам во името на Владата и граѓаните, прв пат во историјата на пријателските односи меѓу Македонија и Германија да посакам добредојде на еден канцелар во нашата држава. Оваа посета е уште едно охрабрување дека големите сили го поддржуваат Договорот од Преспа и потврда дека со него се гарантира македонската иднина во ЕУ и НАТО. Охрабрени сме да направиме историски исчекор. Ќе возвратиме со успешен референдум“, изјави Заев.

Канцеларката Меркел соопшти дека на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара за истите прашања и на истата тема додавајќи дека пораката ќе биде иста и притоа нагласувајќи дека „во една демократија за одлучните прашања има национална заедничка одговорност“.

По средбата која траеше половина час изјава даде само Мицкоски, кој најави дека партијата ќе излезе со конечен став околу референдумот во текот на наредната недела.

„ Ова беше пријателска средба, како лидери на две сестрински партии. Главен акцент на разговорите беше претстојниот референдум. Јас ги истакнав позициите на нашата партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој договор со Грција. Во текот на наредната недела ќе имаат состанок партиските тела и конечно ќе ја утврдиме нашата позиција за референдумот на 30 септември“, рече Мицкоски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG