СКОПЈЕ – „Траеше два часа а мене ми изгледаше како вечност. Секоја секунда мислев дека ќе го изгубам животот. Бевме раскрварени од удари и по главата и по телото. Јас имав шест исекотини на главата од кои три на лицето. Дел од луѓето се обидуваа на секој можен начин да одземат живот. Го гледавме Села како лежи на земја. Од толпата викаа дека јас сум следниот“. Ова се зборовите на премиерот Зоран Заев, кој денеска во својство на сведок, го даде својот исказ пред судскиот совет на рочиштето од процесот за настаните од 27 април и насилствата во Собранието познат во јавноста како „ крвавиот четврток“.
Тој го препозна обвинетиот Игор Југ за кого сведочеше дека бил во вториот ред и дека постојано ја држел раката на местото на кое го чувал оружјето. Заев е убеден дека и други лица од толпата која упадна во прес салата биле вооружени.
„Освен што нема коса, тоа лице што го опишувам нема храброст ни да пука” изјави Заев при вкрстеното испрашување токму од обвинетиот Игор Југ.
Тој пак му се закани барајќи дозвола да покаже дали има храброст или не.
„А дали ќе ми дадете прилика да ви докажам дека имам храброст да го направам тоа за кое велите дека не можам да го направам?“, му рече Југ на премиерот Заев на што жестоко реагираше судијата Добрила Кацарска.
Во своето сведочење тој ги отфрли тезите на одбраната дека упадот на толпата во Собранието бил инициран од изборот на Талат Џафери за собраниски спикер.
Прашан околу организаторите на упадот и насилствата во Собранието, премиерот Заев истакна дека тоа е работа на истрагата и оти тој како и сите други граѓани чека конечна разрешница на овој случај. Тој додаде декае човек кој простува но и дека Македонија има потреба од помирување.
Прв на денешното рочиште сведочеше тогашниот министер за здравство во оставка Никола Тодоров чиј распит траеше околу три часа. Тој кажа дека не видел како толпата влегла во Собранието, но дека единствен начин е доколку некој им ја отвори влезната врата или пак ја скршат. Вината за настаните ја лоцираше во начинот на кој Талат Џафери бил избран за спикер. Тодоров сведочеше дека во неколку наврати не успеал да влезе во прес салата бидејќи бил спречен од демонстрантите и затоа реагирало неговото обезбедување кое го однело во гаражата.
Тој рече дека добил телефонски повик од Радмила Шеќеринска која во паникаму кажала дека едно лице е починато, а тој пак веднаш се јавил кај директорката на Задрвствениот дом „Скопје“ за да испрати амбулатно возило и медицински тим.
„ Видов дека пленарната сала беше исполнеа со луѓе кои пееја и вееја знамиња. Потоа ми се јави Шекеринска и ми кажа дека е вон прес салата, каде еден човек веќе е мртов. Итно се јавив во Здравствен дом „Скопје“ и побрав итна медицинска помош, по што се упатив во прес салата. Директорката ми кажа дека возилото е пред Собрание, но има многу луѓе и не може да влезат. Тогаш и кажав ако не може возило, да влезат само лекари“, рече Тодоров.
Тој додаде и дека Шеќеринска била извлечена од Собранието маскирана како доктор, а Села кој бил во бесознание како полициски службеник.
Пратеникот Весел Мемеди од Национална демократска преродба во своето сведочење се осврна на моментот на избор на Талат Џафери за претседател на Собранието и потенцираше дека пратеничката група од ВМРО – ДПМНЕ имала однапред подготвено сценарио.
„ Пред да биде избран за претседател на Собранието Талат Џафери, пратениците од ДУИ Артан Груби и Џевад Адеми побараа збор. Претседавачот Трајко Вељаноски ги игнорира нив и му дава збор на пратеникот од Беса Зекирија Ибраими, кој после нив стиска копче. Пратеникот Димитар Стевананџија и колегите од ВМРО-ДПМНЕ станаа и ни викаа ‘Тишина, Тишина!’, за да може уште поубаво да се слуша и надвор албанската химна што почна да ја пее Ибраими “ изјави Мемеди.
Откако толпата упаднала во Собранието, тој отишол во прес центарот а на колегите и колешките пратеници им сугерирал да ги извадат краватите и штиклите за да не можат да бидат повредени или задавени. Успеал да го извади Стево Пендаровски кого демонстрантите се обидувале да го повлечат кон средина на салата.
„Се исплашив кога го видов ова лице, ќелавиот крупен човек кој тогаш имаше брада. Носеше пиштол на половината“, рече Мемеди посочувајќи кон обнвинетиот Игор Југ.
Последен пред судскиот совет сведочеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„ Ги вадеа каблите од камерите, правеа јамки и ги фрлаа. Едната беше фрлена кон Заев но не успеаа да го фатат. Едната што беше фрлена ја фатив јас со рака, помогнаа уште неколку колеги, ја одземавме и ја фрливме под нозе за да не може да ја употребат пак… Во еден момент се изгаси светлото во салата и си реков – ова е моментот кога ќе делуваат со оружјето. Меѓутоа тоа не се случи“, објаснуваше Спасовски во деталие.
За време на паузата меѓу сведочењата на премиерот Заев и министерот Спасовски, судската полиција најде солзавец во чантата на роднина на еден од обвинетите.
Facebook Forum