Линкови за пристапност

Дипломатската офанзива е јасна порака за граѓаните околу референдумот


Во официјална посета на Скопје неделава доаѓаат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и канцеларите на Германија и Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц. Експертите едногласни, посетите се поддршка за референдумот и курсот на Владата

СКОПЈЕ - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, утре по втор пат во последните шест месеци, доаѓа во официјална посета на Македонија. Во пресрет на референдумот во петок пристига австрискиот канцелар Себастијан Куц, а во сабота на денот на независноста за прв пат во официјална посета на Македонија доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел. Тие ќе имаат средби со државно - политичкиот врв а не се исклучува можноста и директно да испратат пораки на јавноста и граѓаните.

Експертите се едногласни околу трите посети оваа недела. Станува збор за јасна порака која се испраќа до граѓаните дека меѓународната заедница стои зад Владата и очекува успешен референдум.

„Не треба многу да се филозофира. Доаѓаат да го поддржат референдумот во Македонија за да може да се затвори ова прашање. Самиот факт што малку се растегнуваат дипломатските правила покажува колку е значаен референдумот и колку меѓународната заедница вложува во поддршката“, смета аналитичарот Петар Арсовски.

За поранешниот министер Денко Малевски, посетите даваат официјална поддршка на курсот на Владата.

„Поголем дел од граѓаните сигурно разбираат што значат овие посети. Тоа е поддршка за курсот на Владата но и поддршка за сите граѓани на Република Македонија кои на 30 септември треба да ја потврдат желбата на нашата држава уште од 1991 година, а тоа е членство во НАТО и ЕУ“, вели Малевски.

Тој смета дека посетите ќе бидат позитивно прифатени од мнозинството граѓани но сепак не ја исклучува можноста и од негативни коментари.

„Во една средина која е традиционално недоверлива можно е да имаат контраефект овие посети. Но сепак ова е едно ново време и мислам дека негативните последици ќе бидат мининални“, вели Малевски.

Арсовски пак е на ставот дека граѓаните многу повеќе доверба полагаат кај странските политичари и трите посети ќе имаат позитивно влијание. Тој додава дека референдумот е клучот во решавањето на прашањето отворено 26 години и по неговото затварање меѓународната заедница ќе може да се поствети на решавање на новоотворените прашања со Косово и Република Српска.

„Важно е да се затвори македонското прашање пред да почта со решавање на проблемите во Косово и Босна и Херцеговина каде што очигледно не оди според планираното“, дециден е Малевски.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната трибина во Берово истакна дека посетите се позитивен сигнал за Македонија.

„Доаѓањето на тројцата светски државници е признание за Македонија, позитивен сигнал. Тие ни подаваат рака за да одиме напред“, рече Заев.

Според него, и опозицијата е свесна дека ова е моментот за ЕУ и НАТО,момент кога сите треба да бидат заедно и да се обединат за европска Македонија.

Околу самиот референдум Арсовски смета дека ќе излезноста ќе биде блиску околу границата на цензусот.

„Многу е побитен суштинскиот исход од гласањето и огромниот процент на гласови за кој потоа ќе ја притисне опозицијата во Собранието да гласа според волјата на граѓаните“, рече Арсовски.

Малевски пак е убеден дека злоупотребата на национализмот во Македонија не влијаела врз свеста на граѓаните и референдумот ќе биде успешен бидејќи граѓаните „знаат дека немаме каде назад“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG