Линкови за пристапност

Нападнатите пратеници сведочеа за „крвавиот четврток“


Четворица пратеници објаснуваа низ што се минувале во собранискиот прес центар на 27 април. Пратеничката Ременски морала да лаже дека е бремена за да се спаси од насилниците, министерот Манчевски го купил чадорот од напаѓачот со кој бил тепан а пратеникот Богоевски сеуште има трауми од настанот

СКОПЈЕ- Повеќе од 10 часа траеше денешното рочиште на судскиот процес за настаните од 27 април познати во јавноста како „крвавиот четврток“ на кое тројца пратеници и еден министер, како сведоци на Обвинителството, говореа за тоа што се случувало во собранискиот прес центар и во детали објаснуваа како биле тепани од насилниците.

Прв пред судскиот совет сведочеше министерот Дамјан Манчевски кој речиси четири часа одговараше на прашањата на Обвинителството, адвокатите од одбраната но и на обвинетите. Тој кажа дека стоел пред прес центарот кога чул врева и кршење на стакло, а лице од собраниското обезбедување му рекло дека биле оставени „самите да се снаоѓаат“.

„Веднаш потоа почнаа да влегуваат насобраните граѓани, првите што влегоа беа со фантомки на главата. Не маваа со тупаници. Мене ми беше скршен носот. Потоа почнаа да не маваат со предмети како сталаци, столчиња и мебел. Ми се закануваа со ликвидација, моја и на моето семејство“, кажа Манчевски.

Тој изјави дека до него било лице кое четириесетина минути го удирало со чадор и на крајот тој успеал да го убеди да му го продаде за илјада денари за да престане да го тепа.

Манчевски сведочеше дека го видел обвинетиот Игор Југ, иако не го посочи со име и презиме туку го опиша во детали, како посегнува по оружје кое го држел во облеката и додаде дека имал впечаток дека има и други вооружени лица во толпата која упадна во прес центарот.

„Можев да видам дека лицето посегнува по задниот дел од пантолоните и во рацете го држи оружјето. Никогаш не го извади во целост, но постојано додека траеше настанот добивавме закани дека ќе бидеме убиени, што мене лично ми ја покажува намерата на целата група. Тоа лице беше помирно во однос на другите но цело време беше фокусиран со погледот кон Зоран Заев“, рече Манчевски.

Обвинетиот Игор Југ, ја искористи можноста за вкрстено испрашување, па побара од Манчевски да објасни како повреден успеал да го види оружјето и за каков тип на оружје станува збор.

„Вие видовте оружје, но не знаете какво, можеби сум носел нож, хебла или друго“, изјави обвинетиот Југ.

Пратеникот Илија Николовски, пензиониран генерал, рече дека станува збор за класична саботажа и организиран и планиран напад.

„Ги знам безбедносните мерки, не верував дека лесно ќе влезат во Собранието, затоа бев сигурен дека има саботажа“, изјави Николовски.

Тој објаснуваше како по упадот на граѓаните во Собранието пратениците се криеле по кабинети и канцеларии а посочи и имиња на службеници во министерството за Одбрана кои биле дел од толпата.

„Подоцна дознав дека едно лице од т.н. „тврдокорни“ бил задолжен за мене. Не сакам ниту името да му го споменам“, рече Николовски пред новинарите.

Пратеничката Фросина Ременски, која била затекната во галеријата на прес центарот, ги лажела напаѓачите кои ја удирале со клоци и тупаници дека е бремена за да може да се спаси.

„Ме клоцаа по нозе и стомак, меѓу нив имаше и постар господин кој силно ме удри. Тој не е меѓу обвинетите. Еден од толпата ме праша дали сум трудна а јас свесно излажав за да се спасам“, рече Ременски.

Таа додаде дека била заедно со пратеникот Павле Богоевски. До нив дошол поранешниот пратеник Александар Флоровски кој ја оддалечил толпата и поставил луѓе кои требало да внимаваат на нивната безбедност.

„Во еден момент чувме истрел од пиштол, тогаш еден од луѓето кои нè чуваа рече сега сè ќе се смири, отиде тој што треба, го убивме Села. Набрзо потоа имаше шок-бомби и влезе полицијата“, изјави Ременски.

Последен пред судот сведочеше пратеникот Павле Богоевски, кој беше нападнат во галеријата од прес центарот. Се обидел да ги заштити своите колешки но и пратеници од албанска националност кои се заклучиле во кабината за преведувачи и бил брутално тепан. Имал бројни повреди а до ден денес има трауми од настанот.

“Тогаш сфатив дека тој ден може да не излезам од Собранието. Не броев колку пати ме удираа. Знам дека ме тепаше група која броеше најмалку пет лица и се менуваа. Еден од нив беше вработен во Општина Аеродром. За среќа физичките повреди беа полесни, но имам други повреди, оштетување на белите дробови поради изложеност на чад од димните бомби и психички трауми“, сведочеше Богоевски.

Судењето продолжува идниот четврток а на рочиштето ќе продолжи распитот на сведоците, пратеници кои беа нападнати во прес центарот на Собранието.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG