Линкови за пристапност

Јанева бара ажурност од судовите,но не стравува дека предметите ќе застарат


Мисијата на ОБСЕ го објави својот извештај за работата на СЈО во кој има забелешки за Обвинителството, судовите но и законската рамка. Јанева пак соопшти дека во истрагите биле откриени нерегуларности и неправилности во работата на судот кои ќе бидат дополнително презентирани во јавноста

СКОПЈЕ - Предметите на СЈО се во втор план во Кривичниот суд, барем по интензитетот на процесите и бројот на закажани рочишта и мора да се забрза темпото иако не постои ризик од застарување, изјави шефот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, на денешната презентација на извештајот на ОБСЕ кој се однесува токму на работата на ова обвинителство до поднесување на обвинителните акти.

Таа како пример го наведе предметот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности а за кој во септември е закажано само едно судско рочиште.

„ Од декември 2017 година судот можеше да закаже повеќе рочишта исто како што направи за процесот за настаните од 27 април во Собранието на РМ. Истото можеше да го направи со нашиот најобемен предмет „Титаник“ за кој е закажано само едно рочиште во септември“, рече Јанева.

Таа соопшти дека во текот на истрагите биле откриени нерегуларности и недоследности во работењето на судовите и судиите и најави дека тие ќе бидат наведени во наредниот шестмесечен извештај за работата на СЈО кој ќе биде објавен кон средината на идниот месец.

Јанева смета дека и покрај неажурноста нема опасност од застарување на предметите и уште еднаш се пожали на опструкции од судовите кога станува збор за мерките за претпазливост односно барањата за притвор.

Во моментов СЈО работи на 12 нови истраги кои се во завршна фаза и за кои не е истечен рокот од 18 месеци за поднесување на обвинение.

Во извештајот на ОБСЕ, како заклучок, е наведено дека постојат ограничувања во правната рамка кои можат да ги спречат тековните истраги на СЈО но и недостатоци во Законот за кривична постапка кога станува збор за мерката притвор. Од мисијата сметаат дека СЈО мора да го истражи целиот обем на извршени кривични дела и сите осомничени лица но и дека мора да биде потранспарентно кога воспоставува надлежност врз предметите кои ги работело Јавното обвинителство, како што се „Монструм“,„ Шпион“ и „Пуч“.

„ Дискреционо право на СЈО е да ги сподели со јавноста причините поради кои презема или не презема одредени предмети под своја надлежност, имајќи го во предвид високиот профил и политичката чувствителност на овие случаи. ОБСЕ го советува СЈО да усвои потранспарентен приод и начин да и ги објасни на јавноста овие одлуки“, рече Мишел Принс, виш офицер во мисијата на ОБСЕ.

Принс нагласи и дека при мониторирањето се дошло до заклучок дека скопскиот Кривичен суд не ги применува истите стандарди околу мерката притвор за предметите на Јавното обвинителство и на СЈО и побара тоа веднаш да се исправи.

На денешната презентација говореше и Мирјана Лазаров Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), која истакна дека проблематичната работа на Јавното обвинителство, инаку нотирана во повеќе извештаи на ЕСЧП, е причина за формирањето на СЈО и недовербата на граѓаните во правосудниот систем.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG