Линкови за пристапност

Судење за „крвавиот четврток“ – обвинетите чувствуваат жалење, но не и вина


СКОПЈЕ – Ниту еден од триесет и тројцата обвинети за настаните од „крвавиот четврток“ и насилствата во Собранието на РМ не се чувствува виновен за делото за кое Обвинителството ги товари, терористичко загрозување на уставниот поредок. На денешното рочиште, секој од нив имаше можност да се изјасни по обвинителниот акт кој против нив го поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и сите без исклучок изјавија дека се невини по делата за кои се товарат.

Иако судскиот процес е на самиот почеток полека се наѕираат контурите на одбраната која ја подготвуваат бранителите. „Обвинителството ќе треба да докаже...“ беше најчесто користената реченица во нивните воведни излагања. Повеќето од адвокатите фокусот во одбраната го поставија на наводен недостаток на докази и паушални тврдења во обвинителниот акт.

Така адвокатот на обвинетиот Игор Југ, кој е посочен дека требало да го ликвидира Зоран Заев, ќе каже дека Обвинителството всушност го клевети неговиот клиент.

Бранителите се обидуваа со сензационализам да го одвратат и пренасочат вниманието но и да изнудат реакција во јавноста нарекувајќи ги во воведните обраќања своите клиенти терористи, иако делото за кое се товарат е од друг карактер.

„ Држењето говор е право загарантирано со Уставот а Обвинителството го препознало како сериозно кривично дело“, ќе каже еден од адвокатите.

Дел од обвинетите го искористија правото да се обратат на судскиот совет а со тоа и на јавноста. Во своите говори тие потенцираа дека жалат за случувањата од 27 април.

„Жалам за тоа што им се случуваше на моите колеги во прес центарот. Повеќето ги познавам и ми се пријатели“, кажа првообвинетиот Крсто Мукоски.

„Жалам за збунетоста и неуспешноста на одговорот на полицијата во моментот на влез во Собранието“, нагласи Митко Чавков, кој раководеше со оперативниот штаб на МВР кој требаше да ја гарантира безбедноста на законодавниот дом.

Судскиот процес продлжува во петок кога обвинителството ќе ги презентира своите докази и сведоци. Се очекува да сведочат пратениците Дамјан Манчевски, Илија Николовски, Фросина Ременски и Павле Богоевски кои беа нападнати и повредени во прес-центарот на Собранието.

Меѓу триесет и тројцата обвинети се пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнадуов и Љупчо Димовски, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и организаторите на протестите за „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски. Единаесетмина се во притвор, а тринаесет во куќен.

Процесот за „крвавиот четврток“ ќе има набиена агенда бидејќи судијката Добрила Кацарска веќе ги закажа наредните 61 рочиште заклучно со јануари идната година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG