Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ: Нема предвремени избори


ВМРО-ДПМНЕ: Нема предвремени избори
ВМРО-ДПМНЕ: Нема предвремени избори

Шпекулациите дека избори се можни ги подгреа и вчера објавената анкета на Институтот за политички истражувања

Предвремени избори во Македонија нема да има, одлучи ВМРО-ДПМНЕ. Најбројната владејачка партија стави крај на дилемата – дали земјата следната година ќе се подготвува и за предвремени избори, и за попис.

„Во моментов не постојат никакви објективни причини и оправданост за прекинување на доверениот 4-годишен мандат од страна на граѓаните“, се вели во соопштението на партијата.

За ВМРО ДПМНЕ е неприфатливо, како што се наведува во соопштението, „само поради едно блефирање и покерашкиот пристап во политиката на Бранко Црвенковски целосно да ја дефокусираме енергијата насочена кон спроведувањето на ветената четиригодишна програма, борбата против криминалот и корупцијата, справувањето со последиците од светската економска криза, напорите за реализација на евроатлантските аспирации и напорите за остварувањето на сите останати државни и национални интереси“.

Социјалдемократскиот сојуз не се откажува од предвремени избори, порача потпретседателот на најголемата опозициона партија Гордан Георгиев. Тој најави дека нивната битка продолжува со демократски средства, во Парламентот, преку измени на Изборниот законик, за, како што рече, обезбедување услови за фер и демократски избори и за воведување квоти за избор на пратеници од помалите етнички заедници, но и за прочистување на Избирачкиот список од непостоечки гласачи. Паралелно, тие продолжуваат и со јавното изразување на незадоволството од владеењето на владата на Груевски.

„Притоа ќе ги користиме и сите можни средства да го артикулираме гневот на народот, протести, маршеви и се` она што може да значи демократско рушење на власта. По вчеравечер, оваа влада на Груевски и на ДПМНЕ можеби е легална, но таа веќе не е легитимна. И ние, во СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ја третираме како таква, нелегитимна“, рече Георгиев.

И останатите партии од опозицијата сметаат дека одлуката да нема предвремени избори е несериозен одговор на една сериозна иницијатива.

„Синоќешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ претставува крајно неиздржлив и неаргументиран и неуверлив одговор на предлогот на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски за предвремени избори. За ЛДП тоа е несериозен одговор на еден сериозен предлог“, коментираше Андреј Жерновски од ЛДП.

„Одлуката на ВМРО –ДПМНЕ, на која и претходеше одлуката на коалициските партнери да нема избори, потврдува дека владејачките партии самите не им веруваат на фабрикуваните рејтинзи за да креираат лажна слика за поддршката“, смета Сулејман Рушити од Нова демократија.

Единствено прифатливо да нема избори е за Демократската унија за интеграција.

„Не сме за предвремени избору, туку за решавање на прашањето за името на РМ. Ние сме за тоа да се забрззат процесите за интеграција во НАТО и членство во ЕУ“, рече Сафет Незири.

Од Парламентот најава дека иницијатвата на СДСМ за распуштање на Собранието доставена за време на протестот ќе биде на дневен ред во понеделник, на 13-ти декември, а до крајот на месецот пред пратениците ќе се најдат и измените на Изборниот законик, иницирани исто така од опозицијата.

На синоќешната седница на партиското раководство на ВМРO-ДПМНЕ му претходеше лидерска средба на владините коалициски партнери на Груевски, која заврши само со анализа на иницијативата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за предвремени избори, но одлуката и` беше оставена на партијата ВМРО- ДПМНЕ.

Според вчера објавената анкета на Институтот за политички истражувања, според која доколку утре се одржат парламентарни избори, најголем број од анкетираните би се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ – 23%, потоа следи СДСМ со 11%, а во албанскиот блок, ДУИ со 6% и ДПА со 2%. Од политичарите и понатаму најпопуларни се Груевски со речиси 24%, Црвенковски со 9%. Ахмети со 6%, Тачи со 2%.

XS
SM
MD
LG