„Приоритет на организацијата ’Гласен текстилец’ се работниците и работничките од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, и веќе неколку години алармираме за најголемите прекршувања на работничките права во Македонија. Некаде работите се подобруваат, но некаде остануваат исти. На пример, имаме работнички во конфекции во Делчево, Кочани и во Битола, кои во разговор со нас, ни сведочат за примери за враќање на дел од платата назад кај работодавачот. Им објаснуваме дека тоа е кривично дело и дека работодавачот треба да одговара, дека треба да се известат институциите, за конечно, официјално да имаме еден пример како не треба еден работодавач да ги злоупотребува работниците, државата и законите, но стравот за егзистенција кај работничките е сé уште присутен“, вели во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, Кристина Ампева, активист за работнички права од организацијата „Гласен текстилец“ од Штип.
Минатата недела, Подрачната единица на Државниот инспекторат за труд од Ресен, по поднесено барање за вонреден инспекциски надзор од Хелсиншкиот комитет, утврдила недостатоци и неправилности во работењето на текстилната фабрика „Хатекс“, во поглед на прекувремената работа во саботите, која иако се евидентирала, не им се плаќала на работниците според законот. Инспекторатот го задолжил работодавачот, во рок од 30 дена од доставата на решението, да им ја исплати прекувремената работа на 170-те вработени во фабриката.
Хелсиншкиот комитет ја поздрави одлуката на Државниот инспекторат и ги охрабри текстилните работнички и работници да продолжат да пријавуваат неплаќање на прекувремената работа
Ова е прва постапка која, по барање на инспекциски надзор од Хелсиншкиот комитет, е ефектуирана во корист на вработените, иако Македонија е земја во која последните децении дојде до радикално намалување на работничките права и на стандардот на вработените во текстилната (осумдесеттина проценти од вработените се жени), кожарската и чевларската индустрија.
„Во Кочани, на таблата за соопштенија во самата конфекција стои известување за работничките дека смеат да одат во тоалет само за време на паузите. Ако одат во тоалет над три пати, во текот на работното време, ќе платат казна во износ од 50 денари. Во истата конфекција, работничките работат од 6:30 до 15 часот, како и секоја сабота, а пред Инспекторатот изјавуваат дека работат од 7:30 до 14:30. И две недели во месецот им се задолжително работни. Имаме сознанија дека во одделни конфекции нема соодветно осветлување, ниту хигиенски услови, дека вработените јадат покрај лепакот за чевли. Она што се случува секоја година, со ретки исклучоци, е годишен одмор за работничките во конфекциите од само 5 работни денови. Знаеме за случаи дека работничките работат секоја сабота, дека не им плаќаат прекувремена работа, но сепак, не можеме да ги докажеме, бидејќи евиденцијата е во рацете на работодавачот и не е поврзана со друга институција“, ни изјави Ампева..
„Според моите проценки од работата на терен, со и меѓу работниците низ државата, и податоците од Глобалниот индекс за современо ропство за 2018 година, според кои, 18.000 луѓе во Македонија живеат во модерно ропство, се многу благи. Тоа е многу мал број. Во Македонија постојат главните ризици од модерно ропство, кои се набројуваат и во Извештајот: синџирите на снабдување, брендовите за кои работат конфекциите. Тука се и извршителите. Што е, ако не ропство, кога за долг од еден денар, добивате пресметан долг од извршителите од 12.000 денари, со разните нивни камати и награди“, прашува Ампева.
Минатата недела, дел од македонските медиуми го цитираа Глобалниот индекс на модерно ропство за 2018, (подготвен од Обединетите нации и Фондацијата „Чекори слободно“/„Walk Free“ – н.з), според кој, 8,7 лица од секои 1.000 жители на Македонија, или околу 18.000 граѓани, живеат во услови на современо ропство, односно, Македонија е на европското дно, а ситуацијата е полоша единствено во Туркменистан и во Белорусија. Авторите на Индексот, модерното ропство го дефинираат со ограничувања на слободата и нарушувања на човековите права, низ присуство на принудна работа, трговија со луѓе и ропство или „практики слични на ропство“, како и принудна работа заради враќање долгови или склучување брак со принуда, и присилна сексуална експлоатација.
Ампева смета дека и „понудата“ на политичарите кон странските фирми за „евтините“ невработени граѓани, ги турка жителите на Македонија во своевидно „модерно ропство“.
„Што е модерно ропство, ако не е македонскиот пример? Начинот на кој Македонија, надвор од границите, се рекламираше како земја која нуди многу поволности за странските инвеститори. Со години наназад, Македонија беше рекламирана пред сé, како земја со евтина работна сила и со безброј субвенции за странските компании кои ќе дојдат и ќе инвестираат. Владата на Груевски се гордееше со бројот на нововработени лица, но никогаш не сакаа да слушнат што навистина се случува со човековите и работничките права во тие компании. Што е ’модерно ропство’, ако не случаите, како оној во Крива Паланка, или сличните, кога сопствениците ги оставија работниците без две, три и осум плати, си заминаа од државата и никој не понесе одговорност, иако освен работниците, беа оштетени и буџетот на Република Македонија, Пензискиот и Здравствениот фонд“, изјави Ампева.
Како активист за работнички права, Ампева ги бележи и позитивните промени.
„Се покачи минималната плата и за работниците кои долги години беа маргинализирани, оние кои добиваа плата под законскиот минимум. Но, повторно има разноразни субвенции, овој пат за домашните фирми. Дел ќе донесат резултати, но добар дел не. Во списокот на тие фирми кои добија помош, видов и имиња на конфекции за кои, од работата на терен, знам дека го прекршуваат секое човеково и работничко право. Го газат работничкото достоинство. Таму, не верувам дека ќе има резултати. Напротив, ќе бидат искористени тие финансии за да се збогати ’газдата,’ но според искуството, убедена сум дека работниците нема да почувствуваат подобрување“.
Таа предлага соработка на државните институции и невладиниот сектор во поглед на инспекцискиот надзор, но е песимист во поглед на Синдикатот.
„Доколку новата власт има слух, треба да ги зголеми капацитетите на Трудовиот инспекторат и да ги вклучи невладините организации кои работат на ова поле, во донесувањето на закон за работни односи и на препораки за колективни договори, како и во заедничка работа со Трудовиот инспекторат во инспекциските надзори во фабриките. Не е тешко, треба волја, не е тоа ништо што го нема и во други држави. Така би се мониторирала и работата на инспекторатот во кого работниците немаат многу доверба. Од друга страна, не верувам во Сојузот на синдикати, не ги сметам за вистински претставници на работниците. Непочитувањето на работничките права, лошата законска регулатива и колективните договори, се должат и на нефункционирањето на Синдикатот. Нивното тапкање во место и тоа што немаат ново членство, се должи и на незаинтересираноста за бројните штрајкови што се случија последните четири години. Според мене, Синдикатот секогаш бил продолжена рака на било која власт. Не тврдам дека сум во право, но состојбата со работничките права во државава, укажува на тоа“, децидна е активистката Ампева.
Facebook Forum