Различните ставови и идеји околу Договорот со Грција, референдумот и патот по кој треба да се движи државата дојдоа во полн израз во говорите на државно политичкиот врв по повод прославата на Илинден. Повици за единство но и критики за напуштање на државните интереси можеа да се чујат на говорите во Скопје, Пелинце и на Мечкин Камен. Претставниците на Владата акцентот во говорите го поставија на престојниот ререфндум, неговата важност и влезот во НАТО и ЕУ додека претседателот Иванов упати серија жестоки критики за „славољубие“ и уништување на националниот идентитет.
Премиерот, Зоран Заев, присуствуваше на прославата која беше организирана во Пелинце. Тој повика на обединетост.
„Најтешка глетка е да си го гледаш народот поделен. Да ги запреме поделбите внатре, со соседите и на поделбите со европското семејство. Илинден и АСНОМ се за заедништво, а не за поделби. На граѓаните им е доста од поделби. Време е за храброст. Заедно ја напишавме нашата историја, заедно ќе ја градиме нашата вековна иднина“, рече Заев.
Во својот говор тој се осврна на референдумот и ги повика граѓаните да гласаат „за“ и да изберат иднина наместо небиднина.
„ Да кажеме „да“ за НАТО, за признаен и потврден македонски идентитет, јазик и култура. Време е Македонија да направи историја, ова е нашата шанса, одговорот треба да го дадеме заеднички. Секој од нас ја има шансата да ја донесе оваа одлука. Во вакви пресудни моменти не се седи дома, не се молчи не се остава друг да одлучи. Шансата треба да се зграби, историјата ги памети тие што се издигнуваат и му даваат сила на својот глас. Иднината е вистинскиот избор. Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина. Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба“, рече премиерот.
Во своето обраќање се осврна на Договорот со Грција кој го оцени како патриотски.
„ Договорот што го постигнавме е историски гледано најдобрата и фер шанса, влог во македонската иднина кој го расчисти патот на нашата земја за влез во ЕУ и НАТО. Со договорот химна, грбот и знамето остануваат засекогаш. Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет. Договорот го гарантира правото да се определуваме како Македонци, нема повеќе оспорувања “ изјави Заев.
Од прославата на Мечкин Камен претседателот Ѓорге Иванов упати остри критики кон Владата
„ Македонија не е приватна сопственост за некој да тргува со неа и со нејзините вредности, не е личен имот за некој да ја распродава, не е ничија земја за секој да ја присвојува, туку му припаѓа на народот што ја создал“ , порача Иванов.
Тој го повтори ставот дека е против Договорот со Грција и потенцираше дека е лага дека со него се менува само името.
„Напротив, се менува и македонскиот државен национален идентитет, се погазува 74-годишното право на самоопоределување, се брише државно-правниот идентитет, 27-годишната историја на државата. Лага е дека се гарантира членството во ЕУ и НАТО зашто без вистински реформи, броба со корупцијата и партискиот клиентелизам, нема евроатлантски интеграции. И да се смени уставот, члеството не следува по автоматизам. Со прифаќање на Грчкиот договор се деградираат нашите права во ОН, стануваме потчинети и зависни од Грција. Лага е дека се јакне македонскиот идентитет, а всушност правно се укинува македонскиот народ“, рече Иванов.
Претседателот апелираше да се спречи злоупотребата на власта за теснопартиски, лични интереси и да не се злоупотребуваат стратегиските определби за ЕУ и НАТО.
На прославата на Илиден во Скопје, владини и пратиски делегации положија венци на споменикот на АСНОМ, Никола Карев и Методија Андонов - Ченто.
Пред присутните се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери, кој во својот говор истакна дека Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Република Македонија и нејзините граѓани, кои имале една единствена цел, слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите.
И тој се осврна на претстоечкиот референдум и ја повика опозицијата и сите граѓани да го поддржат исполнувањето на Договорот со Грција за името.
„Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија“, рече Џафери и ја нагласи поддршката на мнозинството граѓани за интеграција во НАТО и ЕУ.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше во струшкото село Ташмаруништа од каде порача Илинден е крикот на поробениот Македонец, жедта за слобода и човечки правдини и природен стремеж за своја држава на секој Македонец.
Во својот говор тој се осврна и на актуелната политичка состојба и ја критикуваше Владата.
„Гледаме како премиерот и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за ЕУ, а демек сите останати кои не ја споделуваме нивната капитулација, не сме биле за ЕУ. Вистинската сплотеност треба да започне преку одбрана за државните и национите интереси, и тука доколку се согласи СДСМ секогаш ја имало нашата подадена рака затоа што Македонија е пред и над се, не треба тоа да го заборават ниту тие, ниту ние, а ниту секој граѓанин во нашата Република Македонија. Европската унија е систем на вредности какви челните луѓе на власта и премиерот немаат. ЕУ не почитува такви политичари“, рече Мицкоски
Политичките партии упатија честитки до граѓаните по повод празникот Илинден.
Од СДСМ порачаа дека се продолѓува патот зацртан со Илиденското востание и заседанието на АСНОМ.
„Идеалите за слободна, демократска и заедничка Македонија живеат и денес. Како одговорна и државотворна партија, заедно со вас граѓаните, го продолжуваме патот зацртан со Илинденското востание и заседанието на АСНОМ. Заедно со вас продолжуваме да ја градиме Македонија како слободна, демократска земја - пријател на регионот и светот. Горди на минатото, со одлучност тргнуваме кон иднината – Македонија да биде почитувана држава, полноправна членка на ЕУ и НАТО, онаму кадешто вредносно и цивилизациски припаѓа“, порачаа од СДСМ.
За ДУИ Илиден треба да биде мотив за единство.
„115 годишнината од 2 августовското востание во Крушево не наоѓа поблиску од било кога до реализирање на вековните стремежи за слобода, мир и еднаквост. Посебните денови како денешниот да ни послужат како мотив да се соединиме во последните чекори на нашиот долг пат и да го реализираме вековниот сон на нашите граѓани“, стои во честитката на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Опозициската ВМРО- ДПМНЕ порача борбата на еден народ е процес и континуитет.
„ Борбата на еден народ не престанува со еден историски чин. Тоа е процес, тоа е континуитет, тоа е чувство што треба да го има секој од нас. Илинден е денот кога си припомнуваме за сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата. Нивниот пример е обврска за секоја идна генерација бесусловно да ја води својата борба, борба за напредна и поуспешна Македонија“, соопштија од ВМРО - ДПМНЕ.
Во рамките на прославата на Илинден, премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов утре заедно, по втор пат, ќе го одбележат Илинден. Премиерите ќе учествуваат на чествувањето на празникот во Благоевград, каде заедно ќе положат венци на споменикот на Гоце Делчев.
Facebook Forum