Линкови за пристапност

Собранието го избра составот на ДИК, изгласани законите кои го блокираа референдумот


Парламентот има уште една задача, да го распише референдумот. Се очекува седницата на која ќе се официјализира датумот да се одржи до крајот на неделава. Премиерот Заев најави дека 30 септември е можниот термин и побара од опозицијата да го соопшти својот став

СКОПЈЕ – За само неколку минути,едногласно и без дискусија беше избран новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) и беа усвоени измените кои ги условуваше опозицијата во Законот за Влада и Законот за финансирање на политичките партии кои беа договорени на лидерската средба во понеделникот.

Новиот состав на ДИК веќе беше најавен во јавноста по лидерската средба во понеделникот. Претседател на Комисијата е Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседател Дитмире Шеху од ДУИ. Членови на Комисијата се Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевска од СДСМ и Енвер Салиу од БЕСА.

Овој состав на Комисијата има шестмесечен мандат и ќе има ингеренции само околу најавениот референдум за Договорот со Грција.

Парламентот, едногласно и по скратена постапка ги изгласа измените во Законот за Влада еден од условите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со овие измени се предвидува пред секои наредни парламентарни избори да се формира техничка Влада по Пржинскиот модул а премиерот де даде оставка на 100 дена пред денот на гласање. На идентичен начин беаусвоени и измените во Законот за финансирање на партиите кои ги условуваше опозицијата.

Пленарната седница требаше да се одржи во понеделникот, по лидерската средба, но беше откажана откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ја достави листата со кандидати за членови на ДИК а преговорите меѓу пратеничките групи околу законските измени завршија неуспешно.

Сега останува на Собранието да го закаже терминот за референдум. Неoфицијално спикерот Џафери ќе ја закаже пленарната седница на која ќе се официјализира датумот до крајот на оваа недела.

Премиерот Зоран Заев, денеска најави дека референдумот ќе се спроведе на 30 септември и додаде дека очекува Собранието да донесе одлука за распишување референдум најдоцна до почетокот на идната недела, односно 30 јули за да се запази законскиот рок.
Тој нагласи дека очекува од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дали ќе го бојкотира или ќе го поддржи референдумот откако на лидерската средба останаа на дијаметрално спротивните ставови.

„ И да нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе тргнеме во организација на референдумот. Јас верувам дека и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ соодветно ќе се позиционират за одлуките за распишување референдум. Пред јавноста мора да го кажат својот ставот, дали се за бојкот, тивок бојкот, повик за референдум, а против или повик за граѓаните слободно да одлучуваат, тоа им е легитимно право. Но должност е на сите процесот за референдум да биде успешен“, рече премиерот.

Доколкуда не се постигне цензус на референдумот,премиерот порача декафинализирањето на договорот со Грција ќе се префрли во Собранието кое конечно ќе решава за уставните измени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG