Линкови за пристапност

Договорот од лидерската средба виси, пратениците не гласаа за избор на ДИК


Спикерот Талат Џафери не ја закажа седницата на која требаше да се избере новиот состав на ДИК и да се изгласаат Законот за Влада и Законот за финансирање на партиите. По неколку часа преговори меѓу пратеничките групи не било постигнато усогласување околу договорот на лидерската средба

СКОПЈЕ - На изборот на новиот состав на ДИК и усвојувањето на двата закони на кои инсистираше и условуваше опозицијата се чекаше до доцна во ноќта а му претходеа неколкучасовни преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за финансирање на партиите иако тој беше договорен и прецизиран на лидерската средба. Официјално нема информација зошто спикерот Џафери ја најави но потоа не ја закажа седницата на која само формално требаше да биде изгласано договореното од лидерската средба и формиран новиот состав на ДИК.

Според неофицијалните информации, на преговорите меѓу партиските групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои траеа неколку часа, имало големи несогласувања во делот на казните кои се предвидуваат во Законот за финансирање на партиите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инситирала на измени во делот за злоупотреба на службената положба и овластувања и замена на затворските казни со парични. Ова може да се протолкува како обид за издејствување на амнестија за дел од претходното раководство кое е обвинето токму за ова кривично дело во предметот „Талир“ кој го води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Реакциите по третата лидерска средба се различни. Владата и владеачката СДСМ жестоко ја нападнаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го минира процесот за да издејствува амнестија за членови на партијата кои се обвинети заради инволвирансот во настаните од 27 април и во предметите на СЈО.

„ Мицкоски денес одби избор на ДИК по услови кои тој ги бараше. Доби Закон за финансирање на политички партии со неговите предлози вклучени во текстот, одби и техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Сето ова го добиваше во пакет, со единствениот услов кој требаше јавно да го исполни. Да ги повика гласачите и поддржувачите на ВМРО ДПМНЕ да излезат на престојниот референдум и да гласаат по сопствено убедување.Мицкоски одби да се откаже од својата намера со бојкот да ги уништи ЕУ и НАТО перспективите на граѓаните. “, рече премиерот Заев.

Од СДСМ отидоа чекор подалеку и го обвинија Мицкоски за предавство

ВМРО-ДПМНЕ пак, не врати на прозивките на Владата и владеачката СДСМ. Мицкоски во своите изјави потенцираше дека тој и партијата работат исклучиво во интересите на граѓаните и државата и заштита на Уставот и законите. Тој потврди дека остануваат на ставот околу прашањето кое треба да биде еднозначно односно да биде исклучиво „за“ или „против“ Договорот со Грција, цензусот и карактерот на раферендумот

„ Видовте човек кој што е во паника и кој што се служи со лични квалификации и невистини. Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав. Генерално имавме приближување околу ставовите што мислам дека успешен се смета оној референдум според Уставот на кој излезеноста е поголема односно да биде 50% плус еден, и минимум 50 % плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласа „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање“, изјави Мицкоски.

Партиите од албанскиот блок исто така излегоа со свој став.

ДУИ го критикуваше однесувањето на својот поранешен коалициски партнер и му порача дека државните интереси треба да ги стави пред партиските.

„ Разликите се во прашањето кое треба да се постави на референдумот. Се разбира дека нормалниот тек на референдумот и изјаснувањето зависи од прашањето кое ќе го поставите. Во овој случај сакам да истакнам дека сите ние треба да ги ставиме државните интереси пред партиските интереси. И сметам дека во оваа ситуација опозицијата треба да ги стави, пред се, државните интереси“,изјави Ахмети.

Опозициското крило на БЕСА, предводено од Биљал Касами, го поздрави напредокот и договорок за ДИК и порача партиите да работата и понатаму до конечен договор.

„ Во делот на организирање на референдум се надевам дека сите политички партии ќе рефлектираат и ќе работат референдумот да биде успешен, а граѓаните да имаат можност да ја изразат својата волја за едно многу важно прашање“, рече Касами.

Останува нејасно каков ќе биде сега текот на настаните околу формирањето на ДИК. Засега нема најава за нова лидерска средба на која би се надминале разликите меѓу власта и опозицијата околу референдумското прашање, карактерот на референдумот и терминот на одржување ниту пак за седница на Парламентот на која би се гласало за договореното од лидерската средба.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG